По повод почеток на Европската недела на мобилност (16-22 септември) денеска во периодот од 11 до 13 часот ќе се пие на кафе во центарот на Скопје, на Рекорд.
„Ја затвораме улицата Димитрие Чуповски и ја претвораме во место за пешаци и велосипеди. Уживаме со кафе во градскиот оркестар и се дружиме без сообраќај“, објави здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.
Утре пак (недела) Градот Скопје ги поканува граѓаните на големиот велопикник што ќе се одржи на паркингот на Средно Водно, од 9 до 13 часот, како дел од активностите во вториот дел од Европската недела на мобилност.
Од 9 до 9:30 часот пред објектот на ИЗИИС е закажано собирањето на велосипедистите што ќе учествуваат во вело-турата до Средно Водно, а во 9:30 часот е предвиден стартот на турата. По пристигнувањето на паркингот на Средно Водно, велосипедистите и рекреативците ќе имаат можност да погледнат промоција на велосипедските продавници и сервиси во Скопје, промоција на (не)формалните велосипедски водичи, да го истражат Водно со велосипед или пеш, да уживааат во музичката програма со диџеј и многу други активности.
Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека во недела во периодот од 9 до 13 часот за сообраќај ќе биде затворен патот кон Средно Водно, на потегот од објектот на ИЗИИС до Средно Водно, како и патот од „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно, освен за автобусите на ЈСП.