„Ден без автомобили“ во Париз на 27 септември

Еден ден овој месец, локалните жители и посетителите ќе можат да го искусат Париз без моторни возила, а пешаците и велосипедистите ќе го „преземат“ градот. Денот без автомобили – 27 септември ќе го трансформира пејзажот на градот и ќе дозволи да се гледаат и слуша амбиентот што инаку е „удавен“ во урбаната какофонија.

Настанот е темпиран да се случи во исто време со Конференцијата за клима на Обединетите нации и со Европската недела на мобилност. Во Денот без автомобили ќе учествуваат поголемиот број градски сектори, вклучувајќи ги и најпрометните делови, како Шанзелизе, Бастиља и Ајфеловата кула.

Покрај францускиот главен град, во Денот без автомобили, со различни степени на учество, ќе се вклучат и Монтреал, Мексико Сити, Хо Ши Мин и Богота. Во овие градови, фотографите ќе можат да стојат на средината на булеварите, сликајќи уникатни фотографии од урбаната архитектура и инфраструктура, без ризик да бидат прегазени.

Соочувајќи се со зголемен сообраќај, градовите како Лондон и Лос Анџелес веќе разгледуваат начини на кои трајно може да се намали метежот и да се отвори можност за развој на масовниот транспорт, велосипедистите и пешаците. Неодамна, Хамбург го претстави планот за целосно укинување на автомобилите во следните 20 години, додека паралелно во Кина и во Дубаи се претставени планови за изградба на нови градови, во кои од самиот почеток ќе нема место за моторни возила.