Дегустации и работилници – промоција на Пелагонија во Јавна соба

Органска храна и зачини, врвни деликатеси, рачно изработен накит, нови туристички капацитети по најповолни цени, ексклузивна облека за која жените се спремни и душата да ја трампаат, се дел од вториот мал Саем за туризам во Јавна соба, на кој се претставува регионот Пелагонија.

Дводневниот саемот беше отворен денеска напладне, со дегустација на традиционална храна од Пелагонија. Во рамки на програмата се најавени неколку дегустации и работилници.

Она што особено се очекува да ја освои урбаната публика во Скопје се свежо приготвена преспанска белвица и крап, крушевски локум, пелистерски мед, слатка и мармалади од нови локални производители, пикантни макала и сосеви, дивеч приготвен на преспански начин, накит и ракотворби.

Посетителите ќе можат да учествуваат во дегустации на храна како и на работилници за изработка на вез, накит и вапцање на јајца. Дополнително, на саемот ќе се претстави и “Мариово off road” понуда за авантуристи како дел од спортско-рекреативната понуда во Пелагонија.

Целта на овој саем е да се доближи локалниот потенцијал од Пелагонија пред пошироката публика, во отсуство на нови локални брендови на пазарот и презаситеност од странски продукти. Во Јавна соба ќе има претставување и на последните моделите на модниот производител „Кули” од Прилеп, во дизајн продавницата на центарот и по намалени цени.

Влезот во Јавна соба е бесплатен.