Во центарот на Скопје, денеска од 11:30 до 14 часот ќе дефилираат урбани моторџии со нивните уникатни мотори за да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенција од ракот на простатата. Дефилето е во рамки на глобалното движење „Возење на истакнати џентлмени“ што ќе се одржи во над 690 градови, во стотина држави низ светот.
Според најавите на организаторите, меѓу моторџиите кои ќе дефилираат низ Скопје и ќе донираат средства во фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против ракот на простатата, има доктори, професори, личности од јавниот живот. Најуспешните донатори ќе бидат наградени со вредни награди што го имаат логото на движењето, а годинава првпат ќе биде доделена и слика од уметник, кој ќе го наслика настанот од своја перспектива.
Глобалното движење почна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи да дефилира низ улиците на градот во чест на негов пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето од година во година станува сè помасовно, со сè поголем број градови и учесници. На годишно ниво глобално се собираат околу 20 милиони долари што преку фондацијата „Мовембер“ се донираат во оние институции и болници што се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. Настанот се организира секогаш последната недела од септември според опредени правила и мора да има одлики што се специфични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжителната кацига.