„Деца! Вие не сте бројки“ – Наставник од Англија дал отказ и преку постер поттикнува дебата

На прометната централна улица во англискиот град Ексетер, поставен е два метри висок постер на една од страните на телефонска говорница. Преку него локален наставник, бесен поради начинот на кој децата се школуваат, најавува дека ја напушта професијата по скоро две децении работа во образованието.

„Деца! Вие не сте бројки“, пишува со големи букви на постерот. „Учете, инспирирајте, сонувајте, создавајте. На светот му е потребно да бидете најдобри во тоа што го сакате“.

Креатор на постерот е Кевин Пејн, наставник во трето и четврто одделение во основно училиште, кој минатата недела дал отказ после 17 години во професијата.

„Сакав да испратам порака до децата дека наставниците се грижат за нив и дека тие вредат многу повеќе од парчето хартија на кое пишува дали ги исполнуваат одредените стандарди“, вели тој за Гардијан.

Пејн, вели дека обожава да предава, но „акцентот на податоци и постојаната потреба од достигнувања одзело значаен дел од забавата и уживањето. Станав наставник за да им помогнам на децата да развијат љубов кон учењето, не да ги учам дека тие мора да се успешни по секоја цена“.

Кевин Пејн фотографиран со неговиот постер

Тој е загрижен дека образовниот систем сега ги потценува креативните вештини и способностите кои не се учат во училиштата, и многу деца ќе пораснат мислејќи дека единствено што е важно да се полагаат тестовите.

„Како наставник, вие сте растргнати помеѓу постојаниот притисок вашите ученици да ги постигнат нивните цели и желбата да им се помогне да го пронајдат она што тие сакаат да го прават и за што имаат страст“, вели тој.

Последните статистики на британските власти покажуваат дека во 2016 година повеќе од 50 илјади квалификувани наставници ги напуштиле училиштата. Во скорешна анкета на наставниците, спроведена од Националната унија за образование, повеќе од 80% од нив рекле дека размислуваат да се откажат од професијата поради преголеми работни обврски.

Иако инспектор од Комисијата за стандарди во образованието го нарекол „инспиративен“ начинот на предавање на Пејн, тој вели дека не може да помине уште 30 години работа со чувство на неуспех.

„Не верувам дека некогаш ќе имам година каде секое дете од мојот клас ќе има успех кој се очекува од нив според сегашните стандарди. Но, она што може да се прикаже на лист хартија често не го отсликува она што се случува во училницата. Учењето доаѓа со подеми и падови, а креативните предмети, каде децата можат да се искажат, најчесто не се вреднуваат“, вели Пејн.

Пред да даде отказ, тој напишал писмо до сите деца во неговото одделение, во кое им кажува колку прекрасни човечки квалитети гледа во секој од нив.

„Им кажав работи како: „би сакал да бев со тебе во клас кога бев дете“, „ми се допаѓа твојата енергија“, „покажуваш одлично лидерство“. Образованието, за мене, не треба да биде бројки и статистика. Треба да биде околу тоа децата да поставуваат прашања, да дигаат рака, да ги бираат правите зборови, да добиваат идеи и да ги исполнуваат“.

Поставувањето на постерот го чинело 150 фунти. Првично сакал да постави билборд, но тоа било прескапо. Се надева дека наставниците ќе нарачаат А4 верзии од пораката.

„Се надевам дека ќе послужи како потсетник за децата, особено за време на тестирањата, дека постојат многу работи во кои можат да бидат добри. Децата мораат да ја слушнат таа порака, бидејќи се подзаборава. Често, ако наставник се чувствува под притисок, тоа потоа се пренесува и на детето“.

Кога наставниците паѓаат во оваа стапица, вели тој, тие завршуваат со стрес и не успеваат да го совладаат.

„Кој сака да работи во образование а не ги цени децата? Мојата порака до наставниците кои се чувствуваат на ваков начин е: Не сте сами“, вели Пејн, додавајќи дека со постерот сака да поттикне дебата околу начинот на кој децата се школуваат и да го привлече вниманието на властите.

Учењето е сеопфатна работа и никогаш не се чувствував како да имам доволно слобода. Во моментот кога ја напишав оставката се почувствував смирено, како голем товар да ми паднал од грбот“, вели тој.

Пејн планира да работи како илустратор и поет, но ќе ги посетува и училиштата за да ги охрабрува децата да бидат креативни.

„Не можам да дочекам да одам низ училиштата и да предавам без синџирите на тестови и зададени цели“, заклучува тој.