Деца изложени на ризик може да станат невидливи жртви на пандемијата Ковид-19

И покрај мерките на Владата да се амортизира социо-економското влијание на пандемијата на КОВИД-19, се проценува дека дополнителни 16.000 деца во Северна Македонија живеат под прагот на сиромаштијата, има повеќе пријави за деца што се жртви на семејно насилство и поголем број деца се во ризик уште повеќе да заостанат со учењето поради пандемијата на КОВИД-19. Проценките се потпираат на анализата на истражувачите во студијата Социјалните и економски ефекти од КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија што денеска ја презентираа УНИЦЕФ во партнерство со Фајнанс Тинк и УСАИД.

Анализата покажала дека со владините мерки се намалил бројот на сиромашни деца, но и покрај тоа се проценува дека уште 16.000 деца веројатно живеат под прагот на сиромаштија поради загуба на работните места и приходите на родителите во домаќинството. Се проценува дека релативната стапка на детска сиромаштија ќе се зголеми од 29,3 на 33,3 насто.

Според извештаите, домашното насилство се зголемило за време на забраните на движење и полициските часови поради КОВИД-19, а децата се речиси 10 проценти од жртвите.

Во заклучоците с енаведува и дека иако образовниот систем се префрли на учење на далечина непосредно по затворањето на училиштата и градинките заради пандемијата, сепак не сите наставници имаат доволно познавање од технологија за да спроведат ваков вид учење.

Застој се забележува и во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, додека кај буџетските програми што имаат допирни точки со децата се нотира кратење и покрај благото зголемување на вкупните владини расходи при мајското дополнување на буџетот. Притоа, забележано е кратење кај инклузивните образовни програми, со што на учениците и учителите им станало уште потешко да се прилагодат на промената кон учење на далечина.

„Иако се чини дека, во споредба со возрасните, децата и младите имаат помала веројатност да се разболат од вирусот, пандемијата на КОВИД-19 има огромно влијание на начинот на кој тие учат, на начинот на кој нивните семејства заработуваат за да ги задоволат потребите и на тоа колку се чувствуваат сигурни во домовите и заедниците/средината во која живеат,“ изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Потребни се насочени мерки за децата да не станат невидливи жртви кои ќе го носат на грб најголемиот дел од долгорочното влијание на кризата.“

Aмбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз истакна дека од суштинско значење е да се разбере влијанието на Ковид 19 врз младите за да се најдеме најдобар начин за намалување на последиците,

„Преку нашето партнерство со УНИЦЕФ и тесната соработка со Министерството за здравство и другите одговорни владини тела за да помогнеме да се идентификуваат овие предизвици и да се пронајдат најдобри начини за да се одговори на нив“, истакна амбасадорката.

Марјан Петрески, главен аналитичар од Фајнанс Тинк потврди дека најсиромашните и најранливи членови на општеството се најзасегнати од пандемијата.

„Од студијата откриваме дека треба навистина да се загрижиме за благосостојбата на децата, главно во однос на начинот на кој им се сменија животите од корен. За новата влада ќе биде важно конкретно да мисли на децата кога ќе ги осмислува мерките во иднина. Децата во земјата мора да бидат важна компонента на закрепнувањето од КОВИД-19 за да постигнеме поодржлива и поинклузивна економија и општество,“ изјави Петрески.

Наодите повикуваат на преземање акција преку политики кои ќе се фокусираат на децата и ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза на правата на децата. Затоа се бара на сите деца треба да им се овозможи продолжување на образовниот процес со осмислување план со кој од септември 2020 година ќе се обезбеди сите деца да учат на училиште или да имаат на располагање унифициран пристап за учење од далечина, или комбиниран пристап за учење од далечина и во училница.

Потоа се укажува дека е неопходна финансиска поддршка на загрозените семејства, но и мерки за заштита на децата и жените од насилство, експлоатација и злоупотреба. Исто така за да се одржи здравјето и да се обезбедува добрата исхрана на децата и бремените жени со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на рутинската здравствена нега, со воведување дополнителни мерки за да се зајакне довербата во јавноста и побарувачката на услуги, меѓу кои и поддршката за одржување ментално здравје.