Дебата за волонтерството: желбата за вработување поголема од солидарноста

Големиот процент на невработеност кај младите е една од главните причини поради кои на волонтирањето се гледа како на отскочна даска до работно место, наместо мотив да биде солидарноста и несебичноста да се помогне некому. Ова е заклучокот на денешната дебата организирана по повод Светскиот ден на волонтерите (5 декември), на која учествуваа повеќе организации.

Ѓоко Вукановски од Волонтерскиот центар во Скопје вели дека во последните 25 години македонското општество се развило така што младите станале себични наместо солидарни, што е едно од начелата на волонтеризмот.

„Не ги обвинувам младите поради себичноста, водејќи се од праксата дека имаме над 50 проценти младинска невработеност. Можеме да се ставиме во таква ситуација каде велиме дека волонтерството е супер опција, но дали сопствената егзистенија може да си ја дозволиме“, запраша Вукановски.

Присутните се согласија дека волонтерството нуди знаење што не може да се најде во формалното образование, ги зајакнува сопствените вештини, а како резултат на тоа треба да се чувствуваат задоволни.

Според Логин Кочишки од Пасворд, продукција одговорна за организирање на музичките фестивали Таксират, Д фестивал и Грин бич, волонтерството е желба да се научи нешто ново, без очекување дека тоа некому ќе му го исполни портфолиото.

„Јас сум 50 отсто среќен, 50 отсто разочаран од волонтерството, бидејќи денес се прави само за да се пополни CV-то или (некој) партиски да се вработи. Мислам дека е тотално погрешен пристап, наместо да ти го исполни срцето и мозокот“, смета Кочишки.

Најновите податоци на „Цивика мобилитас“ што ги презентираше Даниела Стојанова, покажале дека во Македонија волонтира помалку од 25 отсто од населението. Волонтирањето, според Стојанова, најчесто не е одраз на солидарноста и несебичноста, туку се прави за лична корист.

Активистката и волонтерка Габриела Андреевска, која работи со бегалците на граничните премини, смета дека секоја активност што се прави за да се помогне некому еден вид волонтерство. Сепак, таа се согласи со останатите говорници во дебатата, дека е потребно луѓето да престанат да мислат дека волонтерството ќе им донесе некаква награда.

„Секоја активност што ја правиме, без да очекуваме каков било надомест, тоа е волонтерство. Но, тука е тој јаз што треба да го пребродиме – да престанеме да размислуваме дека пристапувањето кон некаква формална или неформална мрежа, или организација ќе овозможи да извлечеме некаква полза од тоа“, рече Андреевска.

На дебатата учествуваа повеќе организации кои преку личните искуства диксутираа за прашања поврзани со волонтерството, како функционира во Македонија, но и за легислативата, односно дали таа го поттикнува или го ограничува развојот на волонтерството. Дебатата беше организирана од „Цивика мобилитас“, во рамки на Саемот за волонтерски организации.

Како дел од програмата за одбележување на Меѓународниот ден на волунтаризмот денеска се поставени голем број на штандови од различни организации во Младинскиот културен центар, се одржуваат презентации, предавања, а вечерта ќе заврши со музички концерт.

Е.П.