Дебата „Бегалците на патот од опасност и несигурност кон неизвесност“ утре во клубот ГЕМ

Во ГЕМ клубот во Старата скопска чаршија утре со почеток во 18 часот ќе се одржи дебата на тема „Бегалците на патот од опасност и несигурност кон неизвесност: Kако да се обезбеди хуман и праведен третман?“ во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Дебатата посветена на бегалската криза во регионот има за цел да ја актуелизира ургентната потреба од соодветен хуман и праведен третман на луѓето кои во потрага по сигурност за сопствениот и животот на своите семејства макотрпно се движат кон европските земји. Панелот од експерти и практичари ќе се осврне на значајните аспекти на меѓународните стандарди за заштита на правата на бегалците, бројните примери на несоодветен третман и добрите практики во државите на рутата кон Европа. Дополнително, ќе се отворат прашања за потребата од приоретизирање на мерките и активностите за заштита на животот и обезбедување хуман и првичен одговор на потребите на бегалците и мигрантите.

Говорници на дебатата ќе бидат Мерсиха Смаиловиќ од Легис – Скопје, Василис Царцанис, експерт од Идомени, Андраш Алфолди од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Унгарија, Алисон Смит од Нема мир без правда од Брисел, проф. Трпе Стојановски, експерт за миграции, Николина Милиќ од Белградскиот центар за човекови права и Ива Исаков од Хуманитарниот центар за интеграција и толеранција од Нови Сад. Модератор на настанот ќе биде Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на РМ.