„Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот за името“, е можното референдумско прашање

Премиерот Зоран Заев по лидерската средба синоќа, информираше дека можното прашање на референдумот ќе биде – „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Tој рече дека референдумот ќе биде консултативен и за денеска попладне најави нова лидерска средба.

Заев посочи дека разговарал со лидерите на сите партии освен на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ја напушти средбата по околу еден час од нејзиниот почеток. Тој потенцираше дека сите што останале на лидерската средба се за влез во ЕУ и во НАТО и за успешен референдум како процес.

Одлуката ќе се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список и таа ќе биде обврзувачка за сите политички чинители во Собранието, кажа премиерот.

Во однос на датумот кога ќе се одржи референдумот, Заев повтори дека треба да биде распишан 60 до 90 дена пред одржувањето, но додаде дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи Парламентот во Грција да гласа за Договорот.

На прашањето за предвремени избори рече дека изборите се секогаш опција, но додаде дека тие во моментов не се поволност.

Извор: META