Дали да се забранат изразите „вегански бургер“ и „веганска плескавица“? – дебата во Европскиот парламент

Европскиот парламент неделава дебатира дали производите како „веганска плескавица“ или „вегански колбас“ треба да се забранат од употреба во рестораните и продавниците во Европската Унија, пренесува Ројтерс.

Предложените измени и дополнувања на законот за земјоделство, исто така, забрануваат опишување на не млечните производи како „слични“ или „во стилот“ на млеко, путер или сирење.

Земјоделците велат дека мерките се потребни за да се заштитат потрошувачите од заблуда. Медицински групи, екологисти и компании кои произведуваат вегетаријански производи велат дека тоа би било чекор назад кон исполнување на здравствените и еколошки цели.

Амандманите ќе се дискутираат во склоп на пошироката дебата за земјоделските реформи. Европскиот парламент не може сам да ги наметне промените, но би усвоил став пред преговорите со земјите членки.

Според еден предложен амандман, термините како што се стек, колбас, хамбургер и бургер ќе бидат дозволени само за производи што содржат месо.

Европскиот суд на правдата веќе забрани користење на поимите „млеко од соја“ и „веганско сирење“ пред три години, кога одлучи изразите како млеко, крем, путер, сирење и јогурт да не можат да се користат за не-млечни производи. Предложениот амандман, пак, оди чекор подалеку, забранувајќи им на трговците со храна од растително потекло да ги споредуваат нивните производи со млечни користејќи зборови како што се „во стилот“, „тип“, „метод“ или „слично“.

Европската асоцијација на земјоделци Копа Когека вели дека Европската унија треба да стави крај на „надреалистичките“ описи. Оттаму тврдат дека со одобрување на ваквите изрази како „вегански плескавица“ би се отворила Пандорина кутија што ќе ги збуни потрошувачите и ќе им наштети на земјоделците.

Наспроти ова, група поборници за храна од растително потекло, вклучувајќи ги производителите Јунилевер и Икеа, како и Европската медицинска асоцијација, ги нарекоа законските предлози „непропорционални и не се во чекор со сегашната клима“.

Некои партиски групи бараат помек пристап. Предлогот поддржан од социјалистите дозволува услови за производи без месо, сè додека пакувањето појаснува дека не содржат месо.