Далај Лама: Не треба да се молите за Париз

После терористичките напади во Париз во кои животот го изгубија повеќе од 130, првата реакција на многумина беше утеха да најдат во молитвите.

Иако хаштагот #PrayForParis набргу се прошири на социјалните медиуми и светските религиозни лидери ги осудија нападите, будистичкиот лидер Далај Лама вели дека светот не треба да бара од Господ да ги поправа проблемите кои човечкиот род ги создал.

Тибетскиот спиритуален водач, во разговор со Deutche Welle, за нападите во Париз изјавил:

„Луѓето сакаат да водат мирен живот. Терористите се кратковиди, и тоа е една од причините за хаотичните самоубиствени напади.

Овој проблем не може да се реши со молитви. Јас сум будист и верувам во молење. Но, луѓето го создадоа овој проблем, а сега бараат помош од Господ да го реши. Нелогично е. Господ би рекол, решете го самите, бидејќи вие го создадовте.

Ни треба систематски пристап за присвојување на хуманистичките вредности, за единство и хармонија. Ако почнеме да го правиме тоа сега, има надеж дека овој век ќе биде поразличен од претходниот. Тоа е во сечиј интерес.

Затоа оставете нé да работиме на мир со нашите семејства и општество, и не очекувајте помош од Господ, Буда или владите“.

Додава и дека многу од светските проблеми се причинети од „површни разлики“ како религија и националност.

Неговата порака до светот е јасна: „Ние сме еден народ“.