„Да та тресне, да та мл’сне“- моќта на македонскиот дијалект во пишана форма

Дек са з’мана дек са з’пусти“, „Дикат малко“, „Гу глочкат парте“, се само дел од гевгелиските фрази кои авторот Стефанов Стефчо ги собра во неговиот нов лексикон „Ај шо лафиш“. Радио МОФ поразговара со авторот за процесот на собирање фрази од локалните македонски дијалекти, но и за тоа зошто дијалектите се важни за македонскиот јазик.

„Се работи за процес кој за мене започна уште пред околу 10 години кога започнав една рубрика т.н. Гевгелексикон за електронското арт списание „Чивилук“. Тоа беа по десетина зборчиња од гевгелискиот дијалект во секој број. После 3-4 години дојдов на идеја да ја засилам таа разбота и да напишам џебен толковен лексикон. Така и бидна 2014 година излезе таа книга со преку 1000 зборови. А уште од тогаш знаев дека исто така ќе „запали“ и таква книга со изреки и фрази од гевгелискиот дијалект. Па лека полека – ете ја и неа. Само што оваа книга е многу поживописна, полна со фотографии кои ја надополнуваат целата приказна“, започнува за Радио МОФ Стефчо Стефанов.

Стефанов вели дека собирањето на фразите е вистинско уживање. За него собирањето е дружење, смеа, муабет, прошетки, намерни разговори со луѓе со цел да се фати изрека или две, па се до СМС пораки доцна навечер од пријател кој  испраќа фраза во моментот кога му паднала на памет или ја собрал од некаде.

„Запишувањето се случуваше насекаде и во секое време. Најголемиот проблем со овој тип книги е што никогаш не може на раат да се стави точка и да се пушти во печат. Книгата беше сто пати затворана и финализирана поради моментот „Ај само уште оваа фраза да ја вметнам“, низ смеа вели тој.

Дек ојш Маро боса пу капинте

Иако Стефанов не е екстремно насочен кон пишувањето на дијалект, тој смета дека дијалектите се богатството на живиот јазик кој се стандардизира од нив.

„Имам публикувано и две книги, една збирка поезија и една кратка новела на литературен македонски јазик. Ќе украдам зборови на проф. Веновска од филолошкиот факултет, промотор на погоре спомнатиот мој лексикон: „Мајчиниот јазик кој многупати е синоним за официјалниот литературен јазик, всушност е токму дијалектот. Првите зборови на детето се секогаш на дијалект“. За застапеноста на дијалектите кај нашите автори не би се осмелил да толкувам, но мој впечаток е дека нивната употреба во пишуваните дела има некаква поврзаност со современата перцепција за вредностите, за жал се почесто темелена на стереотипи и предрасуди (метрополско-провинциски)“, објаснува тој.

Зборувајќи за новото издание „Ај шо лафиш“ – книга со изреки и фрази кои се слушале и слушаат во Гевгелија, Стефанов нагласува дека за него е најважно тоа што книгата изнудува насмевка и заразна ведрина, што е повеќе од потребна во сивилото и времето кога излегува од печат.

„Впрочем, секој лексикон, секоја книга со собрани автентични јазични содржини е истовремено и учебник по историја. Само треба да одлежи како и виното. Нешто налик на временска капсула во која е затворен духот на луѓето, во овој случај на гевгеличаните кои живееле и живеат во едно време, а ќе живеат и во друго некое идно време, секогаш кога таа ќе биде отворена“, додава Стефанов.

„Ај шо лафиш“ сѐ уште не може да се најде во Скопје, но авторот вели дека наскоро ќе ја има. Тој истакнува дека половина од тиражот веќе е продаден, иако книгата е во дистрибуција само четири дена.

„Кога ќе помислам на промоција на книгата, признавам – се фрустрирам. Имав идеја одлична перформативна промоција, но не само (според протоколите) „за 20 луѓе“. Ако не затворат во нови карантини, ако почнеме да запаѓаме повторно во културно-уметничка депривација, а по сѐ изгледа нѐ очекува таква зима, тогаш on-line промоција не ми бега. За да мрдаме културно, не дека книгата чека на промоција за да биде жива“, вели Стефанов.

Ивана Смилевска