Д Фестивал, ден 2 – Ветер и студени температури vs. одлична музика и забава до изгрејсонце

И покрај силниот ветер и пониските температури од претходниот ден, втората вечер на Д Фестивалот помина во исто расположение и со многу позитивни вибрации.

Првиот бенд кој настапи на главната сцена синоќа, тетовците Conquering Lion,  ја размрдаа публиката со својот енергичен настап. Реге бендот победи во битката со ветерот и имаше прекрасен настап, подржан од публиката која во текот на целиот нивен настап во еден глас ги пееше песните и се забавуваше заедно со бендот.

После одличниот старт и загревањето на атмосферата, сцената ја презеде најдобриот хрватскиот бенд  Хладно пиво, кои се познати по своите „размрдани“ живи настапи. Публиката одлично ги прими и забавата продолжи да се движи во нагорна линија.

После нивниот настап на сцената се појавија Обојени програм. И покрај  паузата која ја направија, сепак не изгубиле ни малку на квалитет и придонесоа за забавата да остане на највисоко ниво.

Последен бенд кој настапи на главната сцена беше Фолтин. Битолскиот бенд своето 20-годишно постоење реши да го прослави со Д-фестивал и да ја пренесе славеничката еуфорија кај публиката. За крај, диџеј сетот на Гоце САФ и Чваре беше перфектното сумирање на целата вечер. Диџеите не дозволија публиката ни малку да одмори, дури и по целовечерната забава. После својот сет диџеј Гоце ги повика посетителите забавата да ја продолжат на Lake awake сцената, каде забавата траеше до раните утрински часови.

Пишува Горан Ристовски, учесник на новинарската работилница на Радио МОФ и Д Фестивал