Црвен крст отвори телефон за донации, граѓани собираат помош за настраданите во грчките пожари

Повици за организирање на македонските граѓани за помош на луѓето кои изгубија се во пожарите во Грција се шират на социјалните мрежи. Црвениот крст отвори телефон за донации за настраданите, како и сметки на кои правни и физички лица ќе може да донираат помош.

Како што изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен Крст на град Скопје, работат во координација со своите колеги од Меѓунаросната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

„Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани и правни субјеки да се вклучат во акцијата за помош на настраданото население, донации на парична помош на сметката на фондот за солидарност, или донирање на 100 денари со повик на бројот 075/070/ 077/ 143 400 . Исто така отворена е и девизна сметка за уплата на странска валута на име на Црвениот крст.  Црвениот крст на Град Скопје во координација со градот ќе испрати дополнителна хуманитарна помош во хигиенски пакети, пакети во храна и пакети со бебешки пелени, во согласност со  стандардите и барањата на нашите колеги во Грција“, вели Тунева Пауновска.

Утрово пак од 8 часот, Нано бар во Скопје ги отвори своите врати за прибирање на помош од оние кои сакаат да донираат.

„Помошта ќе ја доставиме до самото место кадешто е најпотребна, во координација со доброволни и хумани превозници. Вратата за донации е отворена секоја ден од 8:00 до 1:00 часот. Доколку сакаате да донирате ве замолуваме да се фокусирате на следните неопходни производи: пелени за бебиња, хигиенски производи за деца, конзервирана храна за деца и возрасни, хигиенски влошки за жени, средства за одржување хигиена, средства за дезинфекцина, дезентал, завои, хидроген 3% и останати неопходни и нерасипливи производи“, пишува во апелот на социјалните мрежи.

Сепак, од Црвениот крст предупредуваат дека има строги правила за доставување хуманитарна помош во земји на Европската унија, и треба да се посвети внимание на овој сегмент.

Вчера Владата донесе одлука за интервентна помош од 6 милиони денари за Грција и најави формирање координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе ја договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина. Од Град Скопје издвоени се дополнителни еден милион денари помош на Атина за настраданите во пожарите.

Македонија испрати напомош и два авиони за гаснење на пожарите.

Според последните податоци, најмалку 74 луѓе загинаа во пожарите што избувнаа во близина на главниот град Атина. Силните ветрови го ширеа огнот, заглавувајќи многумина во домовите и возилата, а останатите ги принуди да влезат во морето во обид да избегаат од пламенот.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас прогласи тридневна жалост.