Цивил бара оставка на Владата и слободни избори

Владата треба да поднесе оставка поради неуспехот да го спроведе Договорот за надминување на политичката криза, потпишан во Пржино, и со тоа го оневозможи создавањето услови за одржување на слободни избори во Република Македонија, сметаат од здружението Цивил – Центар за слобода.

На денешната прес конференција, непосредно пред почетокот на последната парламентарна седница, пред распуштањето на Собранието, кое е закажано за утре, од Цивил повторија дека спроведување слободни избори на 5 јуни не е можно.

„Избори со фантоми, избори со уцени, избори со злоупотреба на јавните пари, со нашите пари, избори со злоупотреба на администрацијата, со притисоци со насилство, со структурно насилство и со кршење на човековите права и слободи, не сакаме! Сакаме слободни избори! Tоа подразбира изборите да бидат организирани од институции кои се непартиски, кои се натпартиски, институции ослободени од партискиот диктат на партиите на власт”, изјави Џабир Дерала од Цивил.

Од Цивил сметаат дека слободни избори може да ги организираат институции и влада која не е инфицирана со сериозни индикации за тешки криминали и злоупотреби на моќта.

„Бараме слободни избори да се спроведат и преку институциите кој се најповикани за тоа, пред сé, Државната изборна комисија. Таа мора да се професионализира дополнително. Бараме изборите да се одложат намалку до крајот на септември, ако не и повеќе. Ќе почекаме…Толку време чекавме слободни избори, ќе почекаме уште малку, но тоа да биде време исполенто со работа, политичка волја, и се разбира, со владеење на правото“, додаваат од Цивил – Центар за слобода.