„Чудовиштата од Скопје“ во Јавна соба

Младински образовен форум организира изложба на членовите на Медиа/Арт клубот насловена „Чудовиштата од Скопје“.

Изложбата ќе ги прикаже проблемите со кои младите се соочуваат во градот, преку фотографии и илустрации на комичен, а во исто време и на критичен начин. Таа ќе се одржи утревечер (26 декември) со почеток во 20 часот во Јавна соба (2 спрат).

Идејата на изложбата, како што велат организаторите, е да ја покрене свеста на младите за она што им пречи во средината во која што живеат и да ги поттикне да размислуваат за можните решенија. Изложбата е производ на двомесечни работилници за фотографија и илустрација кои ги водеа Марија Грујовска и Петар Антевски.

Медиа/Арт клубовите на Младински образовен форум (МОФ) се место за слободно и креативно изразување на младите. Членовите на овие клубови учат како да ги користат новите медиуми и техниките на уметноста со цел да се постигне младински активизам и помагање на локалната заедница.