Човечки силуети како аларм за загадувањето од термолектраните

Итно да се реши загадувањето предизвикано од термолектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј и да се преземат мерки во согласност со директивите на Европската Унија, бараат еколошките организации „Еко свест“ и „Фронт 21/42“ кои денеска поставија човечки силуети пред Институтот за јавно здравје во Скопје.

На овој начин здруженијата укажуваат на здравствените влијанија од овие термоцентрали на јаглен во Македонија. Според студијата „Колку чини животот?“,  на „Еко свест“ објавена минатата година, секоја година РЕК Битола и РЕК Осломеј се виновни за 447 смртни случаи и секоја година од загадувањето предизвикано од нив се појавуваат 60 нови случаи на бронхитис кај децата.

„Некои од најзагрижувачките податоци од студијата ги поставивме на неколку човечки силуети кои е предвидено да се постават на видни места во релевантните институции. Денешната силуета ја предаваме на Институтот за јавно здравје, каде би сакале да ја симболизира заедничката заложба на оваа институција и на граѓанскиот сектор кој работи на прашања поврзани со животната средина за подигнување на свеста за нашето загрозено здравје и за подобрување на состојбите со загадувањето на воздухот“ – изјави Невена Смилевска, проектен координатор и активист во „Еко-свест“.

За докторот Драган Ѓорѓиев од Институтот за јавно здравје, РЕК Битола и РЕК Осломеј се два најголеми загадувачи. Тој вели дека иако термоелектраните се сместени надвор од градовите, испитувања покажале дека тие имаат влијание и во други делови на Европа, не само во Македонија.

„Нас не не интересира која технологија ќе се направи за да има пречистен воздух. Нам ни треба пречистен воздух, нам ни требаат ниски концентрации. Концентрации кои се според европските директиви. Координацијата мора да започне од локалната политика, од државните институции, со цел да се спасат голем број животи“, подвлече Ѓорѓиев.

Освен во Институтот за јавно здравје, слични силуети ќе се постават и во Министерството за животна средина и Министерството за економија.

Еколошките здруженија посочуваат дека иако постојано алармираат на проблемите со загадувањето на воздухот, а студиите потврдуваат, загадувањето во урбаните средини се зголемува, особено во зимските периоди.

Е.П.