Членовите на клубовите „Учиме право“ во посета на Град Скопје

Во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество на 2 декември 2013 година беше реализирана посета на Град Скопје. На посетата присуствуваа триесетина средношколци, членови на клубовите „Учиме право“ од повеќе средни училишта на територијата на градот.

Членовите на клубовите „Учиме право“ во посета на Град СкопјеНа почетокот на посетата, лицето за односи со јавноста го претстави Градот Скопје со своите сектори и одделенија и структурата на вработени. Свое излагање и обраќање кон средношколците имаше и градоначалникот Коце кој ги запозна учениците со ингеренциите и надлежностите на Градот и неговиот специфичен статус со Законот за Град Скопје од 2005 година.

 Трајановски зборуваше за Координативното тело на градоначалници со кое тој има средба најмалку еднаш месечно за координација на активностите на сите десет скопски општини и Градот. Тој исто така се обиде на поедноставен начин да им ги претстави ингеренциите на Градот преку конкретни примери со изградбата и одржувањето на булеварите, како изгледа одржувањето на хигиената на територијата на Скопје, измените во сообраќајниот режим со воведувањето на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, зелениот бран и т.н. паметни семафори.

Трајановски на крајот од своето излагање ги охрабри младите повеќе да го користат јавниот превоз и да практикуваат возење на велосипед како превозно средство, но и воопшто постојано да се занимаваат со спорт и спортски активности. Потоа следуваа прашања од страна на средношколците на кои надлежните од Град Скопје даваа детални одговори, па оттука средношколците имаа можност да научат повеќе нови работи во текот на оваа посета.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.