Четвртоодделенки од Карпош ќе учествуваат на дебата за одржливо живеење во Дубаи

Две ученички од ООУ „Владо Тасевски“ од општина Карпош, заедно со својот ментор, ќе ја претстават Македонија на меѓународниот настан во Дубаи „Дебатата на Фондот за одржливо живеење“.

Учеството во Дубаи следи по успехот на меѓународниот натпревар по есеј на англиски јазик на тема „Дали градовите се одржливо место за живеење?”на кој учествуваа четвртоодделенките Елена Петрушевска и Диона Јосифовска, во рамки на проектот Teacher Champion под менторство на наставничката Виолета Панев.

Настанот во Дубаи ќе се одржи од 18 до 21 април и им дава можност на учениците  да црпат  инспирација и да споделуваат знаење за подобрување на соработката и реализација на агендата на Обединетите Нации за одржлив развој. Учесничките на конкурсот од Македонија, заедно со својата наставничка се наградени со Honourable Mentions Certificates и Teacher Champion Certificate. Признанијата ќе им бидат доделени на церемонијата во Дубаи. Тие се регистрирани за учество и во „Меѓународната училишна дебата“, во работилниците и на специјалната програмска едукативна посета во Дубаи и соларниот град Масдар.

„Се надеваме ќе научиме уште многу на оваа тема  на овој реномиран настан и ке ги споделиме нашите сознанија со своите другарчиња и колеги“, велат ученичките.

„Фондот за одржливо живеење” е со седиште во Велика Британија. Целите за кои се застапува оваа добротворна организација се биолошки, растителен и културен диверзитет како и климатска стабилност и регулирање на балансот во еко системите. Овој центар кој располага со дождлива шума и уникатни растителни и животински видови досега е посетен од  82.000 лица и е организатор на конкурсот „Дали градовите се одржливо место за живеење?”во кој учествуваа околу 1150 ученици учесници и ментори-наставници од 74 земји.