Четворица починати, 78 новозаразени и 40 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие се потврдени 78 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 28 случаи во Скопје, по осум во Прилеп и Гостивар, пет во Куманово, по четири во Дебар, Тетово и Берово, по три во Делчево и Кичево, по два во Кавадарци, Кочани и Неготино и по еден случај е регистриран во Битола, Охрид, Радовиш, Пробиштип и Македонски Брод.

Од МЗ соопштија дека од Ковид-19 починале четворица пациенти, односно, двајца од Гостивар на 71 и 82 години, една пациентка од Тетово на 73-годишна возраст и една пациентка од Куманово на 68 години која била примена во амбулантата на Инфективната клиника без срцева акција, а по обидот за реанимација била констатирана смрт, додаваат од МЗ.

Институтот за јавно здравје регистрирал 40 оздравени пациенти, односно, 13 од Скопје, по девет од Гостивар и Кичево, три од Македонски Брод, по два од Велес и Кочани и по еден од Прилеп и Свети Николе.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13673,  бројката на оздравени пациенти е 10150, на починати е 568, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2995“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје, во изминатите 24 часа примени се осум пациенти,а вкупно се хоспитализирани 74 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка е 39 пациент, а нема на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 17 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, тројца позитивни и три мајки и три деца суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 3 нови, вкупно хоспитализирани се 63 пациенти. На респираторна машина се 7 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 14, а во болницата во Штип се хоспитализирани 39 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 103, позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 138.325 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 860 теста.