На 5 и 6 февруари со почеток од 19 часот во киното на Кинотека на Македонија ќе се организира зимското издание на фестивалот „Скопје синема сити“ односно „Загревање“.
За време на овој дводневен филмски настан ќе бидат прикажани 4 филмови почнувајќи со дело за реномираниот филмски композитор Филип Глас, „Гледајќи го Глас“.
Во декември, фестивалот му ја врачи наградата за животно дело на Глас за достигнувања во музиката и филмот и по тој повод настанот ќе го прикаже овој филм за Глас во режија на Ерик Дармон.
На 31 јануари тој наполни 83 години и е се уште активен и како композитор и како изведувач. Глас е еден од четирите основоположници на „минимализмот“ правец во класичната музика кој во ‘60те и ‘70те направил револуција во класичната музика. Зад него е огромен опус кој се состои од голем број симфониски дела, филмска музика, опери, музика за театар, дела за соло инструменти, хорска музика, итн.
Истата вечер ќе биде прикажан филмот на Фолкер Шанер за даб реге легендата Ли Скреч Пери: „Визијата за рајот на Ли Скреч Пери“.
На 6 февруари ќе бидат прикажани филмовите „Queen: Приказната зад Боемската рапсодија“ и „Постигни или умри: Приказната за пијанистот Ланг Ланг“.