После Белград, Рим, Загреб, Шибеник, Марсеј и Валенсија, „Чергари, патници“ е првата самостојна изложба на „Партизанска штампа“ во Скопје, која биде отворена денес, 1 ноември сабота, во 20 часот во галеријата на Отворено графичко студио при Музеј на град Скопје. „Партизанска штампа“, како работилница и самоорганизиран колектив, цела деценија се задолжени за графичка изработка на визуелните решенија на голем дел уметници и музичари од независната културната сцена во Македонија, а „Чергари, патници“ е патување низ архетипите на колективната меморија со изложба на графики и книга во сито печат, направени изминатата година во нивното студио.
Инспирирана од традиционалната македонска орнаментика и нејзината симболика и форма, изложбата го следи патот на визуелниот јазик на културното несвесно од народниот вез до современата графика. Музичката интерпретација на визуелното, на самиот настан, ќе биде на бастионите на македонската млада музичка сцена: Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска. Бучава после нив ќе прави „The Belly“ од Белград.
„‘Чергари, патници’ тргна само како концепт под кој го препознавме својот талкачки принцип на локално ниво, перцепцијата на делувањето на алтернативната уметност како ‘недоволно добра’ за да биде вдомена. Во јунговска смисла, патникот е архетип на индивидуацијата – оној што тргнува во движење за да се сретне со својата сенка и да ја преобрази во светлина“, објаснуваат „партизаните“.

Во македонскиот јазик, велат оттаму, патникот освен што патува, е и човек кој страда. Затоа тргнале на пат низ симболите, да отидат подлабоко, слој по слој, да се препознаат и да проверат дали се на правиот пат.
„Меѓу боите, слоевите и формите на сито-печатот, оваа изложба го трасира тој пат: патот од декорот кон симболот, од локалното кон универзалното, од чергата кон космосот. Орнаментот не е само украс, туку жив симбол – кодиран запис на културното несвесно. Во него се среќаваат животот, сонцето, телото и духот, минатото и сегашноста. Затоа оваа изложба ќе ја искористиме да Ве поведеме на патување низ симболите, но и низ една културна меморија на работата на графичката работилница на ‘Партизанска штампа’ во текот на изминатите 10 години“, посочуваат оттаму.
Цела деценија колективно пред индивидуално
Ако се направи ретроспектива од последната деценија, ќе се види дека се работи за ентитет на колективно збиралиште.
За „партизаните“ нема сомнеж – нивното огниште е сито печатот, а низ оваа работа се трудат да стане јасно дека тоа е заедничко. Преку самото тоа што е заедничко, сакаат да ја направат таа дистинкција – разликата меѓу заедничкото и јавното добро.
„Кога имаме некакво јавно добро, очекуваме државата или некој друг да се грижи за тоа, а кога е заедничко, тогаш сите по малку“, објаснува Билјана Димитрова од „Партизанска штампа“.

Оттука, дополнува таа, кога се случува индивидуализам на уметностите, кога секој сака да го покаже својот идентитет, својот стил, она што е способен да направи, за да биде поконкурентен на пазарот, тие имат малку потешка задача.
„Сакаме да ја дадеме вербата во колективното. Сакаме ова наше огниште, сито печатот, сите да го користат како алатка. Ние како занаетчии ја даваме алатката на располагање и тука сме заедно со уметникот да ја развиеме неговата идеја, да постигнеме некој резултат, од кој, нели, ние како издавачка куќа го промовираме уметникот во светот, а уметникот ги промовира нашите занаетчиски способности пред локалната или меѓународната публика“, посочува Димитрова, која самата е уметник, активист, едукатор и другар.
Уметникот да се осеќа дека припаѓа во заедница
Она што се обидуваат со самите себе, но и со уметничката сцена, е да ја најдат таа граница помеѓу приватно и заедничко, да ја постават доволно добро. Бидејќи, како што вели Димитрова, доколку базата слабо е поставена, целата куќа ќе се сруши.
„Па, за да не биде ни преблиску, ни предалеку, градиме однос со уметникот. Тоа е улогата на работилницата, да имаме улога на општествено ангажирана графика. Значи, се обидуваме таа современа графика да ја донесеме до што повеќе уметници. Да може што повеќе луѓе да го изразат својот идентитет, да учествуваат во процесот на печатење и, притоа, да се чувствуваат дека некаде припаѓаат, во некаква заедница“, нагласува Димитрова
Затоа токму сега, кога мотив е самостојна изложба на „Партизанска штампа“, одбрале да се справат со народниоз вез.
„Тој да го увидиме, вистински, бидејќи дури и јас самата сум го приемала како декор, отколку како симболичен културен код. Па, како народно наследство, се обидуваме да ја истакнеме и таа наша позиција во уметничката сцена, како колектив кој не може да функционира без другите да гравитираат околу него. Затоа, се надеваме дека преку оваа изложба ќе биде јасна и нашата позиција – која е во рамки на културната сцена“, вели таа.
„Ги охрабруваме младите почесто да си ги валкаат рацете“
Во „Партизанска штампа“ низ годините поминаа доста млади луѓе, кои ја пренесуваат културната мисија на оваа работилница, а со тоа ја носат и одговорноста на самиот колектив. Дознаваат за сито печатот како графичка техника, со која при пропуст на боја се остава отпечаток на рамна површина. Од сите графички техники, сито печатот нуди најмногу можности за слободен израз, па оваа техника често е блиска со андерграунд движењата и разни супкултури.
Во домашен контекст, сито печатот стана синоним за „Партизанска штампа“. Тука млади луѓе влегуваат беспоштедно во занаетот, учат, будно следат, самите печатат, седат по штандови, помагаат… Буквално подаваат рака за работа, зашто солидарноста е една од движечките сили на овој колектив.
„Затоа реков дека сито печатот е нашето огниште. Ако не го одржуваме сите – некој да исцепи дрва, друг да го гледа, трет да го пали – ќе се изгаси. Не може еден, мораме да гравитира маса луѓе. Особено ни е значајно децата и младите да ги заљубиме во техниката на графиката, бидејќи преку нејзе може да се види и субвезивната моќ на уметноста: кој е начинот да се пренесе порака и кој е начинот да се учествува во создавање едно уметничко дело. Воедно, да ги нема оние граници за тоа кој може да биде уметник, бидејќи строго се поставени во нашето општество“, децидна е Димитрова.

Обидот е на младите да им ги прошират перспективите, дека уметноста може да биде алтернативна, не мора да биде строго професионална, нема потреба со неа да се занимаваат само тие што се образуваат во областа, туку таа да биде мултимедијална.
„Затоа сакаме да ги охрабриме младите што почесто да си ги валкаат рацете (од работа со уметност)“, констатира Димитрова.
„На патникот патот – на овчарот стапот“
„Партизаните“ нагласуваат дека основната смисла на графиката е да го зборува визуелниот јазик, да го пренесува, да соочува, да раскажува.
„Во процесот на интерпретацијата не можевме да оддолееме на можноста да створиме етнокултурен континуум и да создадеме книга во сито печат во која преку слободно пренесување на симболите ја печатевме деструкцијата и страдањето на современието кое го живееме. Кои се? Чиви се? Од каде се? Од ѓубрето. Слоеви, слоеви. Слоеви удолу, бесконечност угоре. Боја по боја, се протнуваме низ слоевите, оти визуелниот јазик е другото место на кое можеме да се сокриеме од стаорците околу нас. Поместување, патување, страдање за да стигнеш до основата, таму е првото место на кое можеш да се сокриеш. На патникот патот – на овчарот стапот“, велат од „Партизанска штампа“ за книгата во сито печат која ќе биде претставена на настанот во Отворено графичко студио при Музеј на град Скопје.
***
Биографија на „Партизанска штампа“
„Партизанска штампа“ е занаетчиска работилница и неформален уметнички колектив посветен на уметничка графика и сито печат, кој функционира во рамки на Здружението за култура и уметност „Колектив Ветерница“ – Скопје. Колективот е инициран во 2014 година на последното издание на ФРИК фестивал во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, во рамки на работилницата за сито печат под менторство на белградскиот колектив „Матријаршија“.
Активната работа започнува во 2016 година со основање на независно студио за уметнички графики во сито печат. Оттогаш, Партизанска штампа воспоставува стабилни соработки со над триесет автори и колективи од Македонија, регионот и Европа, печатејќи нивни авторски графики и арт книги под сопствено издаваштво.
Своето стручно усовршување колективот го продолжува преку меѓународни работилници и менторства во Белград, Берлин (со колективот Centrifuga) и Марсеј (со La Dernière Cri).
Во изминатите години „Партизанска штампа“ реализирала бројни изложби, фестивалски учества и соработки, меѓу кои: CRACK (Рим), VENDETTA (Марсеј), FIJUK (Белград), SUPERTOON (Шибеник), изложбите „Турбулатор“ и „The End of the World is Near“ во Musée d’Art Modeste (Сет, Франција), како и самостојни изложби во рамки на фестивалите „Под земја“ (Скопје), БОШ 12 (Гевгелија) и Shortest Night (Гетеборг).
Во 2020 година воспоставува соработка со ФЛУ – Скопје, со што се иницира процес на развој и репоставување на студиото за сито графика. „Партизанска штампа“ е дел од меѓународниот проект на Креативна Европа – ТУРБУЛАТОР, заедно со La S. (Брисел), La Dernière Cri (Марсеј), Arara (Порто) и Матријаршија (Белград), а во 2018 година беше домаќин на лансирањето на проектот во Скопје, со изложба на Пакито Болино во Отворено графичко студио.
Во 2021 година во Улична галерија – Белград се претставува со самостојната изложба „Партизански дневник“, проследена со промоција на арт-книгите „Кошмари и соништа“ (2021) и „Мапа на графички сентименти“ (2022). Во 2023 година реализира самостојна изложба во Веспрем, во рамки на програмата „Веспрем – Град на културата“, а следуваат и групни изложби во Белград и Бањска Бистрица.
На почетокот на 2024 година, колективот ја претставува изложбата „Ненаситни“ во Улична галерија – Белград. Во своето издаваштво објавува неколку уметникови книги во сито печат, меѓу кои „Ненаситни“, „НА ПРИМЕР“, „Одисеја на визуелните халуцинации“ и „Мапа на градски чешми“. 2024-тата година ја затвори со изложба на фестивалот Longest night во Гетеборг.
Во 2025-тата година „Партизанска штампа“ реализираше три изложби во соработка со различни уметници, издаде 3 уметникови книги (Синило на Јелена Белиќ, Влажна симболична меѓуигра на Ѓорѓи Митревски и Марија Трајаноска, Дневник на бучава на Сара Кубел, две изданија НА ПРИМЕР, Trash Treasure на Илина Ѓеоргиевска, . Исто така постави четири свои самостојни изложби во Валенсија, Загреб, Рим и Скопје, на кои се претстави како колектив односно во Валенсија како сценограф на фестивалот со мотивите на „Чергари“, Рим со изложба на монотипии и плакати, Загреб со цртежи на децата кои творат во колективот како и сито плакати и во Скопје со изложбата „Чергари, патници“ во Отворено Графичко Студио при Музеј на Град Скопје.
„Партизанска штампа“ е активен учесник и ко-организатор на Саемот на независна уметност ФИЈУК, кој досега се одржал во Музејот на Македонија, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, Домот на култура – Битола, Домот на култура – Прилеп и Офицерскиот дом – Куманово.
Во последните години, колективот активно експериментира со печатење на текстил, фанзин култура и алтернативни уметнички изрази, развивајќи силна платформа за современа графика и независна уметност во регионот.
***
Бојан Шашевски
Фотографии: „Партизанска штампа“ и другарите



























