Челси Менинг ослободена од воен затвор

Челси Менинг, изворот на Викиликс кој достави огромна количина на класифицирани воени документи, е ослободена од воениот затвор после отслужени седум години затворска казна.

Поголемиот дел од нејзината 35-годишна казна на која беше осудена, беше скратен поради помилувањето од поранешниот претседател на САД, Барак Обама во јануари.

Нејзиниот адвокат вели дека е возбудена, но и анксиозна.

„Подготвена е конечно да може да живее како жената која е“, вели Ненси Холандер за ББЦ. Челси, која има 29 години, беше родена како Бредли Менинг и беше војник.

Еден ден после пресудата, кога ѝ беа одредени 35 години затвор во 2013 година, Менинг изјави дека се чувствува како жена уште од детството и сака да живее како жена која се вика Челси.

„За прв пат, можам да видам иднина за мене како Челси“, рече таа минатата недела. „Можам да замислам дека преживувам и живеам како личноста која сум и конечно да бидам дел од надворешниот свет“.

Менинг беше осудена за 20 обвиненија поврзани со протекувањето, меѓу кои и шпионажа. Беше товарена со најтешката форма на шпионажа – помагање на непријателска држава.

Изјави дека протекувањето е оправдано бидејќи сакала да предизвика јавна девата со САД за улогата на армијата и надворешната политика, но подоцна се извини што „ѝ наштетила на Америка“, велејќи дека верувала дека „ќе го промени светот на подобро“.

Во јануари на Твитер објави дека откако ќе биде ослободена, ќе се врати да живее во Мериленд.