На 16 март (четврток) во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Чајковски: Смеа и тага“, на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите виолончелисти во светот, Иштван Вардаи од Унгарија. Повеќенаградуваниот уметник, кој свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре, пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од П.И.Чајковски.
Под диригентската палка на Американецот маестро Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ќе ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од рускиот гениј Чајковски, која се смета за една од најубавите симфонии на сите времиња. Од богатиот опус на Чајковски – оркестарска, камерна музика, балети, опери посебно место заземаат неговите симфонии, а меѓу нив е најпозната токму „Патетична“.
Авторот ја создал непосредно пред неговата смрт, во миговите на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е „завршен камен на целото негово творештво“ и „најискреното дело кое некогаш го напишал“.
Унгарецот Иштван Вардаи е најдобриот виолончелист на светот“, ќе напише Дејли њус. Добитник е на многу награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и три награди на „Давид Попер“ во Будимпешта (2000, 2003 и 2004), специјална награда „Емануел Феурман“ во Берлин, прва награда на „Јоханес Брамс“ во Австрија. Во 2007 година станува лауреат на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, а во 2008 година на 63. Интернационален натпревар во Женева. Во 2012 година, пак, ќе ја добие престижната „При Монтблан“ како еден од најнадежните млади музичари во светот, а во 2014 година престижната АРД на натпреварот по виолончело во Минхен. Како камерен музичар, исто така, соработува со видни имиња, меѓу нив и Шиф, Кремер, Башмет, Миша Мајски, Александар Ситковецки…