Чадот од пожарите во Амазонија видлив и од вселената

Пожарите кои беснеат во амазонската прашума се гледаат и од вселената, покажаа последните фотографии на американската вселенска агенција-НАСА направени во овој реон.

Снимките на НАСА покажуваат пораст на пожарите и чадот во бразилските држави Рондонија, Мато Гросо и Амазон.

Само годинава во Бразил избувнале повеќе од 75.000 пожари или за 83 проценти повеќе од лани. Евиденција на пожари во овој реон се води изминатите шест години.

Организациите за животна средина тврдат дека пожарите се палат од луѓето кои сакале да ја уништат вегетацијата, за да добијат поголеми површини обработливо земјиште.  По критиките кои стигнаа на адреса на Бразил и најавите за отежнување на економските врски со Европа, претседателот Жаир Болсонаро ја испрати војската да ги гасне пожарите.