Центар за јавно здравје во Велес: Водата во Дојранско езеро е исправна

Водата во Дојранско езеро е од втора категорија и нема штетни и опасни бактерии по здравјето на граѓаните, соопштија од Центарот за јавно здравје во Велес. Од таму велат дека според новите анализи, водата во езерото е исправна и може да се користи за капење.

Мостри биле земени од четирите претходно спорни плажи, кои беа забранети за капење поради загаденоста на водата во езерото.

Овие резултати, како што објаснуваат од Центарот, се според новиот правилник за управување со водите за капење од 12 јули. Тоа значи дека она што досега било во трета категорија, односно небезбедни води за човекот, отсега ќе се смета дека е безбедно и дозволено за капење.

Досегашниот правилник имаше пет категории на води – од прва категорија за пиење, од втора за капење, а од трета категорија небезбедна ни за капење ни за пиење, туку само за наводнување.

Претходно, Државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде забрана за капење на четири плажи во Дојран, по добиените анализи од Центарот за јавно здравје во Велес. Тогаш, анализите сугерираа дека водата во езерото на четири плажи е загадена физичко-хемиски и со фекални бактерии и дека не е безбедна за капење.