Цените на храната во светот највисоки во последните 10 години, соопшти ФАО

Цените на храната на светските пазари пораснаа втор месец по ред, достигнувајќи го највисоко ниво во последните 10 години, поттикнати од поскапувањето на житариците и растителните масла, соопшти Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи цените на потрошувачката кошница со основни прехрамбени производи, во септември порасна за 1.2% во однос на ревидираната вредност во август, на просечни 130 поени, што е највисока вредност од септември 2011 година, а во споредба со минатиот септември е повисока за третина.

Во септември најмногу поскапеа житариците, односно за 2% во однос на август, што се одрази на зголемувањето на цената на пченицата за речиси 4%, поради ограничувањето на извозните капацитети, во услови на зголемена побарувачка.

„Меѓу главните житни култури, пченицата ќе биде во фокусот на следните недели бидејќи наглиот пораст на цените ќе ја тестира побарувачката“, рече високиот функционер на ФАО, Абдолреза Абашијан.

Растителните масла се поскапи за 1.7% отколку во август, како резултат на растот на цените на палминото масло, поттикнати од силната побарувачка на увозниците и загриженоста за недостаток на работна сила во Малезија, водечки производител на палминото масло.

Забележливо е и зголемувањето на маслото од репка, но сончогледовото и соиното масло поевтинија.

Во споредба со минатиот септември, цените на растителните масла се повисоки за 60 отсто.