Цементарница УСЈЕ со одговор на О2 Иницијатива: Вршиме постојан мониторинг, активистите ги каниме да нè посетат

Цементарница УСЈЕ АД Скопје преку соопштение на повикот на О2 Иницијативата за итна забрана за увоз на отпад кој се согорува, каде ја посочија Цементарница како главниот корисник на увозен отпад за согорување.

Од компанијата велат дека работат транспарентно и се отворени за дијалог со сите засегнати страни, но додаваат и дека дел од наводите изнесени во јавноста не ја отсликуваат реалноста.

„Во Цементарница УСЈЕ од алтернативни горива се користи биомаса и преработени фракции од неопасен отпад. Во 2019 година иако беа дозволени 25-35%, замената на фосилни со алтернативни горива (АГ) во Цементарница УСЈЕ беше 4%. Беа употребени само 4.400 тони алтернативно гориво од кои 870 тони лушпи од ориз од кочанско. Граничните вредности на концентрациите на диоксини и фурани, тешки метали и  други параметри во емисиите во воздухот од цементната индустрија се многу пониски кога се употребуваат АГ, во споредба со емисиите кога се употребуваат конвенционални фосилни горива. Тоа е определено во т.н. BREF документи (BAT-Reference Documents) за цементната индустрија кои ги пропишуваат најдобрите достапни техники и важат за сите цементни фабрики во Европа.

Следејќи ги добрите практики во ЕУ, сите стандарди и барања за намалување на влијанието врз животната средина ги спроведуваме дури и пред истите да станат законска обврска. Употребата на АГ е определена како Најдобра Достапна Техника со погоре споменатите BREF документи и практично е обврска на секоја цементна фабрика. Тоа е единствен начин да се намалат емисиите на стакленички гасови во цементната индустрија. Дополнително, секоја споредба со инсталации кои се неодговорни и вршат било какви нелегални дејства немаат никаква поврзаност со работењето на нашата фабрика“, велат од Цементарница.

„Исто така, сакаме да потенцираме дека Цементарница УСЈЕ врши континуиран мониторинг на сите наведени испусти и согласно законските обврски чува запис од извршениот мониторинг, а не само на два, како што се наведува во дописот на О2 коалиција. Податоците од мониторингот за сите мерни места се доставуваат до МЖСПП согласно со барањата во А-Интегрираната еколошка дозвола. Со цел да се зголеми транспарентноста во нашето работење, Цементарница УСЈЕ еднаш неделно ги објавува податоците од континуираниот мониторинг на двата најзначајни извори на емисии – двете линии за производство на клинкер. На сите други испусти, односно  мерни места, има единствено емисии на прашина од мелење на суровини и полупроизводи. Емисиите од сите мерни места за сите параметри се под дозволените гранични вредности на емисии. Овие податоци во реално време и како претходен запис може во било кое време да се погледнат во Цементарница УСЈЕ.

Цементарница УСЈЕ има обврска да врши дополнителни мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух во кругот на фабриката. Локацијата на мерење е определена од страна на МЖСПП. Согласно со стандардите за мерење на квалитет на амбиентален воздух, референтната метода е гравиметриска (не on-line) и Цементарница УСЈЕ ја користи токму таа метода. За споредба, на истото мерно место, неколку пати годишно мерења вршат и независни акредитирани лаборатории. ДИЖС има целосен увид во овие споредбени мерења, а резултатите од мерењата потврдуваат дека не постои корелација помеѓу емисиите од Цементарница УСЈЕ и квалитетот на амбиенталниот воздух. Така, во зимскиот период кога воопшто нема производство на цемент, измерените вредности на РМ10 се значително повисоки од дозволените, додека пак летно време кога Цементарница УСЈЕ работи со полн капацитет, концентрациите на РМ10 честички се во рамки на дозволеното, односно под 50µg/m3“, посочуваат од УСЈЕ.

Од компанијата на крајот на соопштението упатуваат и покана за посета од активистите, додавајќи дека се залагаат за подобрување на состојбите со животната средина.