Цементарница Усје: Се протестира на погрешно место, ние не сме причина за зголеменото загадување на воздухот

„Немаат логика какви било блокади на Цементарница УСЈЕ, затоа што сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град“, реагираат од компанијата во пресрет на утрешниот протестот пред нивното седиште. Оттаму се жалат дека против нив се изнесуваат целосно неточни и невистинити тврдења.

„И покрај нашата подготвеност за дијалог со сите заинтересирани страни, продолжува неаргуметираниот напад врз компанијата со целосно неточни и невистинити тврдења кои ниту се потврдени од релевантни фактори, ниту пак за тоа постојат реални докази. Ваквата состојба во која е ставена нашата компанија не води кон подобрување на состојбите, бидејќи тоа е можно само со аргументи и со реални показатели и факти, а истовремено е крајно неодговорна. Сите мора да сносиме одговорност за јавно искажаниот збор. Апелираме да не се шират непроверени информации и шпекулации за оваа важна тема, затоа што тие, покрај врз компанијата, нанесуваат штети и во напорите за лоцирање на вистинските проблеми со амбиенталниот воздух во нашиот град и врз преземањето ефективни мерки за почист воздух, а единствено имаат популистички ефект“, стои во реакцијата од Усје.

Оттаму тврдат дека работат по сите домашни и европски регулативи и дека според мерењата на емисиите тие не биле причинител на зголеменото загадување на воздухот во Скопје. Покрај ова, посочуваат дека од минатата година, започнале со користење на алтернативни горива.

„Во УСЈЕ, моментално, од вкупната количина на енергенси што ги користиме, на алтернативно гориво отпаѓа 4%. УСЈЕ врши контролни испитувања на квалитетот на воздухот и тие редовно докажуваат дека состојбите со амбиенталниот воздух во нашиот град немаат никаква корелација со работата на Цементарница. Загадувањето на воздухот во градот е највисоко во зимските месеци, и тогаш кога печките на Цементарница УСЈЕ не работат поради годишни ремонти, а обратно, тоа е најниско во летните месеци кога УСЈЕ работи со 100% од својот капацитет. Последното такво испитување, направено од акредитирана лабораторија на 10-11 јануари 2020 година, период кога не работеше ниту една печка на Цементарница УСЈЕ, покажа високи вредности на загаденост на воздухот на сите испитани точки во градот, вклучително и во кругот на УСЈЕ. Оттаму, јасно е дека не постои врска помеѓу високата аеро-загаденост и работата на Цементарница УСЈЕ“, стои во реакцијата.

Претходно, Движењето за чист воздух кое е организатор на утрешната блокада, повика на заеднички револт.

„Министерството за животна средина од 2016 ги чува во фиока, усвојувањето на ЕУ ДИРЕКТИВИ, IED и WI, директиви кои се однесуваат на повеќе индустриски гранки. Бидејќи се кочи воведувањето на АВТОМАТСКИ МОНИТОРИНГ во реално време, прикачено на веб страницата на министерството, ние од иницијативата Движење за чист воздух се решивме на отпор против најголемите загадувачи, трујачи на животната околина“, стои во повикот за блокадата, која ќе започне напладне.