Целодневна хуманитарна журка во Радио МОФ

Целодневен музички настан во стилот на познатите журки „boiler room“, посветен на собирање помош за мигрантите кои транзитираат низ Македонија, ќе се случува денеска во дворот на Младинскиот образовен форум и Радио МОФ. Со настанот го одбележуваме вчерашниот Светски ден на бегалците, како и 21 јуни, најдолгиот ден во годината и Светскиот ден на музиката.

Со почеток во 14:00 часот, настапуваат диџеи од тетовската организација ОлукJanskyB!ZarreMiss Neighty и Vercho, кои ќе понудат осумчасовен избор од најновото и најдоброто од неколку современи музички правци, со видео стрим во живо за време на целиот настан, кој ќе трае до 22:00 часот.

Во пресрет на Светскиот ден на бегалците, 20 јуни, сведоци сме на голготата на илјадници луѓе од земји во војна и кризни жаришта на Средниот Исток, Азија и Африка, кои во потрага по подобар живот во западните земји, минуваат низ Македонија и овде се соочуваат со ужасни услови, опасности, криминалци кои ги ограбуваат и полиција која ги малтретира. Според официјалните податоци, дури 29 мигранти загинале по македонските пруги и патишта изминатите месеци.

Во очекување на законот со кој тие ќе можат легално да престојуваат во земјава 72 часа, пред да го продолжат своето макотрпно патување, можеме барем да се обидеме да им помогнеме. Ги повикуваме сите присутни на денешната журка да издвојат помош во лекови, санитетски материјали, средства за хигиена, облека или каква било друга помош, која ќе биде доставена во прифатните центри за мигрантите низ Македонија.