Бугарско кабаре, македонска драма, балканска приказна – „Буре барут“ го отвори „Лица без маски“

Во саботата, во Театар Комедија и официјално беше отворено осмото издание на фестивалот на независен и експериментален театар, „Лица без маски“. Иако соочени со технички пречки, организаторите на фестивалот донесоа одличен репертоар составен од култни театарски претстави, изведени на неколку јазици. Одличен почеток беше претставата „Буре барут“, чиј автор, Дејан Дуковски, ја имаше честа да го прогласи фестивалот за отворен.

Кога ќе помислите на „Буре барут“ на Дејан Дуковски, сигурно не би се сетиле дека кабаре изведба на оваа култна македонска драма е изводлива. Но бугарскиот театар „Николај Бинев“ и „Арт продукција“ од Софија на публиката во Театар Комедија ѝ го покажа невозможното, и за тоа беше наградена со громогласен аплауз и стоечки овации.

Ова култно македонско драмско дело, кое е перфектна метафора за животот и трагикомичното секојдневие на балканските народи, младите бугарски актери го изведоа и повеќе од достојно. Со мали модификации, одлични импровизации на сцена, интелигентна и мултимедијална режија, како и македонска музика изведена во живо, режисерката Ана Батева и нејзините одлични глумци ја импресионираа публиката, меѓу која се наоѓаше и самиот автор.

Болно реалистична, сурово комична, претстава која го држи вниманието на гледачот до самиот крај, па дури и бара повеќе… Но ова е и претстава која може да намами и солзи, тага и воздишки. Млади, безнадежни, заробени, деца на транзицијата и војните, браќа кои браќа убиваат – но, најважно е да сме живи и здрави! Токму оваа реченица е дефиницијата на нашиот мал, крвав Балкан, на ова буре барут.

На оние кои ја испуштија оваа изведба на „Буре барут“, им посакувам некогаш да имаат шанса да ја проследат во Софија, или барем да гледаат некоја од нашите одлични продукции на истата. А оние кои ја гледаа во саботата, и кои имаа можност да ја проследат одличната бугарска трупа на штиците што живот значат, верувам дека се согласуваат дека подостојно отворање на фестивал на независен и експериментален театар и не може да има.

Стефанија Тенекеџиева