Бугарската претстава „Kуќата на гневот“ го затвора вечерва „Скупи фестивал 2015“

Бугарската „Kуќата на гневот“ вечерва е последната претстава на годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Со почеток во 20 часот, во Kино „Фросина“, „театарот „Взраждане“ од Софија ќе ја изведе претставата во режија на Дијана Добрева.

Приказната зборува за осум жени што ги бараат одговорите за слободата на човековата волја, како и патот кон среќата чија незаменлива и задолжителна состојка е љубовта. Осум жени, затворени во една куќа и принудени да живеат во жалост, го игнорираат секое задоволство и радост на животот, венеејќи, разорени од бурите што ги предизвикуваат нивните емоции.

„Kуќата на гневот“ ја соочува човековата природа со непробивните ѕидови на забрани и табуа кои само човекот може да ги создаде. Љубовта како копнеж и привидение зазема централно место во целата претстава, но истовремено претставува забрането овошје поради кое се уништуваат животи.