Британските универзитети тонат, а азиските растат на ново рангирање на светските универзитети

Истражувачката групација „Кју Ес“ го објави најновото рангирање на квалитетот на светските универзитети. Во него се забележува нов пад на британските универзиети, четврта година по ред, додека универзитетите од Азија забележуваат подобрување на ранг-листата.

Институтот за технологија од Масачусетс (МИТ) повторно е на врвот на ранг листата, деветта година по ред. На првите пет места се наоѓаат уште три американски и само еден британски универзитет: Стенфорд, Харвард, Калифорнискиот институт за технологија и Оксфорд. Меѓу првите десет универзитети само Технолошкиот институт од Цирих не доаѓа САД или Велика Британија.

Безмалку сите британски универзитети забележале назадување. Во образложението за тоа, Бен Соутер, истражувач во „Кју Ес“ вели дека „Брегзит“ и финансиската несигурност придонесуваат за тоа.

Во меѓувреме азиските универзитети имаат најдобри резултати во историјата. Дури 26 универзитети од Кина, Јужна Кореја, Хонг Конг, Јапонија, Сингапур, Малезија и Тајван се наоѓаат во најдобрите 100 светски високообразовни институции.

Северна Македонија нема свој претставник во најдобрите 1000 светски универзитети на оваа листа. Од земјите во регионот најмногу универзитети на листата има Грција, вкупно шест. Словенија и Хрватска имаат по два универзитети во најдобрите илјада, додека Бугарија има еден.

Рангирањето на „Кју Ес“, кое е едно од најценетите во светот, е засновано на академскиот углед, бројот на студенти, истражувања, број на странски професори и странски студенти и други карактеристики.