Британската Влада изгуби судски процес од невладина организација поради аерозагадувањето

Плановите на британската влада за справување со загадувањето на воздухот се прогласени како нелегални од високиот суд на Велика Британија, што е судски пораз на министрите по ова прашање.

Судот одлучи, втор пат во последните 18 месеци, дека владата не прави доволно за да се справи со кризата на аерозагадување.

Пресудата, пишува Гардијан, е понижувачка за министрите кои според законот мораат да ги намалат нелегалните количини на азотен диоксид во „најкратко можно време“, од кој страдаат десетина градови и населени места во земјата.

Правната невладина организација ClientEarth, која го покрена случајот, спореше дека владините планови занемаруваат многу мерки кои можат да го остварат планот, ставајќи го вниманието на трошоците. Денеска судијата Гранхам, надлежен за случајот, во одлуката се сложил со овие аргументи, додавајќи дека министрите знаеле за преоптимистичните модели на загадување кои ги користеле – а кои биле засновани на спрони лабораториски тестови за дизел возилата, наместо на емисии на штетни гасови од вистинските услови по патиштата.

Британската Влада соопшти дека нема да се жали на одлуката и во судот се сложиле да дискутираат со ClientEarth за нов временски распоред со пореалистични модели на загадувањето и за чекорите кои ќе бидат потребни да се намали загадувањето на законските нивоа. Страните треба да се вратат во судот за една недела и доколку не може да се постигне договор, судијата може да нареди распоред на Владата.

Загадувањето на воздухот предизвикува 50 илјади рани смртни случаи во Британија и прави штета од 27,5 милијарди фунти секоја година, според владините проценки. Ситуацијата во април од парламентарците беше наречена „вонредна состојба во јавното здравство“.