Британска организација постави стотици пара чевли како аларм за детските самоубиства

Добротворната организација постави стотици детски чевли на скали во Ливерпул, за да ја подигне свеста за растечкиот број на самоубиствата на деца во Велика Британија.

„Chasing the Stigma“ е добротворна организација со седиште во Ливерпул чија примарна цел е дестигматизирање на менталните болести. Организацијата соработуваше со локална радио станица за да создадат застрашувачка инсталација во која го истакнуваат бројот на млади животи изгубени од самоубиство низ текот на многу години.

Работејќи заедно со неколку добротворни организации за ментално здравје „Chasing the Stigma“ стави 226 пара чевли пред салата за настани во центарот на Ливерпул. Секој пар на чевли претставува еден млад животи кој бил изгубен во самоубиство во 2017 година.

Кампањата на добротворната организација се совпаѓа со неделата за ментално здравје на децата, која се одбележува од 4 февруари до 10 февруари.

„Статистиката го крши срцето, но многу луѓе или не се свесни за бројките или реалноста на бројките не ја почуствувале дома”, вели Џејк Милс, основач на здужението.

„Сакавме да го искористиме тоа и одлучивме да ги користиме чевлите како визуелна презентација на тие животи”, велат од организацијата.

Сите чевли кои се користат при инсталацијата потоа се донирани во добротворни цели.