Брисел треба да започне иницијатива против манипулација на гласачите низ социјалните медиуми, со цел да ја скроти загриженоста за ова прашање пред изборите во Европскиот парламент во мај идната година, пренесува Гардијан.
Вера Журова, комесар за правда, рече дека националните влади треба да ги координираат напорите за справување со лажни вести и злоупотреба на лични податоци низ миркро-таргетирано политичко рекламирање.
Поранешниот главен стратег на Доналд Трамп, Стив Банон следната година сака да создаде голем екстремно десничарски блок во Европскиот парламент, па Комисијата наесен ќе објави планови за да ги охрабри националните регулатори да работат заедно против манипулацијата на гласачите.
Комисијата неодамна предложи кодекс за пракса за дезинформации на ЕУ. Целта е да ги поттикне сајтовите на социјалните медиуми да го ограничат микро-таргетирањето на гласачите и да го направат финансирањето на ваквите кампањи потранспарентно за корисниците.
Исто така, Комисијата дава поддршка за независната мрежа за проверка на фактите и акција за стимулирање на квалитетно новинарство и промоција на медиумската писменост. Есенските предлози се очекува да ги надградат овие теми и да побараат од регулаторите заемно дејствување, иако често се случува земји-членки да имаат различни пристапи.
Журова рече: „Би сакала да се фокусираме на подобра заштита на изборите во светло на скандалот со ‘Фејсбук’ и ‘Кембриџ Аналитика’. Организирањето на изборите е целосно во рацете на земјите-членки, но само ако една членка биде изложена на ризик од манипулации, тоа ќе има влијание врз целата Унија“.
Оксфордскиот интернет институт минатата недела објави извештај со докази дека формално се организирани манипулативни кампањи преку социјалните медиуми во 48 земји, за разлика од лани кога имало во 28 земји.