Босанскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ награден на белградски ФЕСТ

Наградата за најдобра машка улога во главната програма на белградскиот филмски фестивал ФЕСТ ја доби босанскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ, за остварувањето во филмот „Такви се правилата“. Наградата му беше врачена синоќа на свеченост во белградскиот Сава центар.

„Постојат големи и важни награди, а јас сум многу среќен што сум награден токму на ФЕСТ, кој претставува „систем на вредности“. Како студент, доаѓав во Белград од Сараево, спиев кај некои колеги актери и гледав филмови како „Носталгија“ на Тарковски, со џепарлак од само 40 германски марки за пет дена. Сега, триесет години подоцна, доаѓам во Белград и ја добивам оваа награда. ФЕСТ е етаблиран и културолошки феномен, чувар на вредностите“, изјави Хаџихафизбеговиќ кога ја прими наградата.

Наградата за најдобар филм од публиката му припадна на шпанско-аргентинскиот филм „Диви приказни“. Главната награда за најдобар српски филм ја доби „Ничие дете“ на режисерот Вук Ршумовиќ, додека за најдобар странски филм е прогласен „Волк“, филм во копродукција на Јордан и Обединетите Арапски Емирати.

Според жирито, најдобри филмови се српскиот „Исцелување“ и рускиот филм „Будала“.