BookStar 2016: Трибина на тема „Нивната страна од (и)сторијата“

Може ли писателот да биде медијатор помеѓу историјата и фикцијата? Колку е долг патот од осветител до просветител? Ова се дел од прашањата на кои ќе се дискутира на трибината насловена „Нивната страна од (и)сторијата“, која ќе се одржи во рамки на Книжевниот фестивал на Антолог – BookStar 2016.

Поттеми на дискусијата ќе бидат историографската метафикција, сликата на другиот, женското писмо, исповедта, фикцијата, мемоарите, историјата, пресумпцијата на невиност, писателот како медијатор, (пр)осветител.

„Вулф еднаш изјави дека во поголемиот дел од историјата, анонимниот беше жена. Дали треба да се сомеле историјата, да се пресоблече во ново руво за да се надмине женскиот молк? Супериорноста сама по себе подразбира превласт врз моќта на артикулираниот говор. Но, што ако таа моќ ја земе во своја уста психологот на Џудит Шекспир? Што би ни раскажал/а? “, се вели во најавата за настанот.

Модератор на трибината ќе биде Маријана Јанческа, а во неа ќе учествуваат Агата Тушињска, Есмахан Ајкол, Александар Прокопиев, Соња Стојменска-Елзесер, Вини Пемова, Ана Василева, Ѓоко Здравески, Душко Крстевски, Огнена Никуљски.