„Болка и слава“ на Алмодовар вечерва го отвора 40-тиот „Браќа Манаки“

Јубилејното  40 – то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го отвори новиот филм на култниот шпански режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“.

Во Битола ќе биде кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на Златна камера 300 во 2013 година.

На јубилејниот фестивал наградата Златна „Камера 300“ ќе биде доделена на американскиот кинематограф Едвард Лакман и на француско-грчкиот директор на фотографија Јоргос Арванитис, а со одлука на Друштвото на филмски работници на Македонија, наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му биде врачена на композиторот Љупчо Константинов.

Селекцијата на филмови што ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „камера 300“ ќе ја оценува стручното жири во состав: Едвард Лакман од САД, Ненад Дукиќ од Србија, Доминик Велински од Франција, Калојан Божилов од Бугарија и Фејми Даут од Македонија.

Во кино салата меѓу гостите ќе бидат и ирскиот режисер и филмски драматург Џим Шеридан, кој на Фестивалот доаѓа како претставник на Европската филмска кадемија (ЕФА), како и режисерот Фатих Акин.

Организаторите потсетија дека сите проекции се бесплатни за студенти и средношколци, со покажување на индекс или средношколска книшка, а бесплатни ќе бидат проекциите и за пензионери и невработени лица, со приложен документ за идентификација.

Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола е најстар фестивал во светот посветен на филмските кинематографери кој прв пат се одржа во 1979 година во чест на браќата Јанаки и Милтон Манаки. Од 1991 година фестивалот има натпреварувачки карактер.