Бојкот на наставата во средното хемиско училиште во Скопје

Група ученици од паралелките на македонски јазик во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ денеска ја бојкотираа наставата во училишниот двор поради како што велат, лошите услови и лошиот однос со нивните соученици од паралелките на албански јазик.

Бојкотот започна по големиот одмор, а веднаш потоа учениците се вратија на настава.

„Училниците се без врата, преку зима влегува промаја и сите скоро се настинати, а Албанците имаат право, се што ќе посакаат го добиваат. Они не се на настава скоро месец откако сме почнати, не запишуваат ништо, а ние ќе излеземе на бојкот и одма се запишуваме“, рече еден од учениците кои ја бојкотираа наставата. Негова соученичка пак се пожали дека биле навредувани од свои соученици кои наставата ја следат на албански јазик.

Учениците овде се поделени во две смени, односно во првата ја посетуваат ученици кои слушаат настава на македонски јазик, додека втора смена се оние што учат на албански јазик. Радио МОФ го посети училиштето за време на втората смена, кога ученците од албанските паралелки потврдија дека ја бојкотирале наставата од самиот почеток на училишната година, се до денеска. Велат дека албанските ученици не биле пуштани внатре, додека нивните соученици од македонските паралелки одржувале настава. Исто така, појаснуваат и дека барале претходниот директор да си замине, бидејќи не сакале да бидат префрлени во просториите во другите училишта кои им биле понудени.

Од пред две недели, директорка на училиштето е Натка Џиковска, која претходно била психолог во ова училиште. Таа е назначена откако Државниот инспекторат за образование го разреши директорот Павле Павлов, поради, како што наведуваат, неправилности во работата на училиштето.

„Денешниот бојкот беше на учениците од македонска националност. Имаа забелешка зошто е именуван Албанец помошник-директор. Ние ги повикавме во службата, разговаравме и се надеваме дека ќе го надминеме тоа“, кратко за Радио МОФ одговори  директорката Џикова.

За утре се закажани родителски средби, а учениците од македонските паралеки најавија уште помасовен бојкот.

Ваквите бојкоти на настава не се новина во ова средно училиште. Минатата година, учениците од албанските паралелки ја бојкотираа учебната година и не посетуваа настава. Нивните родители тогаш се заканија дека нема да ги пуштат своите деца доколку не им биде исполнето барањето предавањата по сите предмети да се одвиваат на нивниот мајчин јазик.

Е.П.