Бојана Наумоска, младинскиот претставник во РИКО реагира на текст од Радио МОФ

Бојана Наумоска, младинскиот претставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО испрати мејл до редакцијата на Радио МОФ во кој „демантира“ дел од текстот „Една година РИКО – Младите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти“, со барање да се избрише/измени текстот или да се објави пратениот „демант“.

Радио МОФ нема намера за отстранување на текстот од нашата страница, но во интерес на подобра информираност на нашите читатели, одлучивме да го објави мејлот со наслов „демант“. Секако , претходно ќе образложиме зошто овој демант, не демантира ништо од објавениот текст.

Наумовска пишува дека  „ Конкретно, неточна е објавената иформација на Вашиот интернет портал дека Јас, Бојана Наумоска, сум се согласила со изнесените тврдења дека мојот избор на функцијата младински преставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО бил незаконски и нелегитимен.“

Во текстот на Радио МОФ во ниту еден момент не се сугерира дека Наумовска се согласила со изнесените тврдења дека нејзиниот избор на функцијата младински преставник на РИКО бил незаконски и нелегитимен, туку едноставно пренесува нејзина изјава дадена за време на настанот.

Како втор проблем во текстот е наведено „нецелосното пренесување на информацијата околу мојот одржан говор“. Нашето објаснување е дека во ниту еден сериозен новинарски текст кој е извештај од настан, е невозможно да се објават говорите на сите учесници, туку се објавува кус дел од нив, во вид на изјави. Сугерирањето кон новинарот кој дел од изјавата треба да го стави во својот текст, а кој дел да го испушти, се смета за цензура. Секако, во сржта на новинарството е критички да се опсервираат случувањата, факт кој може да му се допадне или да не му се допадне на некој соговорник.

Радио МОФ целосно стои зад објавениот текст, во кој во ниту еден момент нема намерно или тенденциозно извртување, туку едноставно се пренесени изјави кои се кажани за време на настан.

Редакцијата и понатаму ќе известува за активностите на РИКО во Македонија, навремено и професионално.

Во продолжение, го објавуваме интегрално и „демантот “ на Наумовска.

ПРЕДМЕТ: Демант во врска со дел од статија под наслов „Една година РИКО – Младите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти“, објавена на интернет порталот Радиомоф.мк на ден 01.07.2017 година, од страна на Бојана Наумоска, младинскиот преставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО

Почитувани,
Најостро го демантирам делот од статијата под наслов „Една година РИКО – Младите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти“, објавена на интернет порталот Радиомоф.мк поради нецелосна и комплетно неточна пренесена информација во врска со мојот говор даден на настанот кој се одржа на ден 30 јуни, во француската резиденција.
Имено, во Вашата објавена статија може да се забележи тенденциозно извртување на фактичката состојба и вадење од контекст на содржината на мојот говор.

Конкретно, неточна е објавената иформација на Вашиот интернет портал дека Јас, Бојана Наумоска, сум се согласила со изнесените тврдења дека мојот избор на функцијата младински преставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО бил незаконски и нелегитимен. Напротив, во мојот говор Јас никаде не констатитрав дека сум незаконски избрана, туку едноставно само потврдив дека постоеле одредени несогласувања околу мојот избор од страна на неколку невладини организации. Според мене, ова е класично извртување и вадење од контекст на содржината на мојот говор.

Исто така, до Вашата редакција реагирам и во врска со нецелосното пренесување на иформацијата околу мојот одржан говор.

Конкретно, во делот од објавената статија во врска со Инфо сесиите, намерно или не, свесно или не, во Вашата објавена статија недостига дел од мојот говор кој што го одржав, а кој што се однесува на тоа прашање. Токму во тој необјавен дел, детално ги објаснувам деталите и информациите околу одржувањето на инфо сесиите. Според мене, исто така и во врска со овој дел, се забележува тенденциозно и селективно пренесување на информации од мојот говор, најверојатно со цел да се објават само негативни информации и да се покаже наводното недоволно ангажирање и работење од моја страна.

Оттука, од Вашата редакција барам и нудам неколку опции се со цел да се поправи грешката и да се побијат моите сомневања дека позади сето ова се кријат неискрени и тенденциозни намери да се наруши личниот интегритет и интегритетот на организацијата РИКО. Затоа барам и нудам неколку опции, и тоа:

– на Вашиот интернет портал во целост да биде објавен овој демант, или
– статијата под наслов „Една година РИКО – Младите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти“, објавена на Вашиот портал да претрпи измени кои ќе соодветстуваат со вистината, или
– статијата под наслов „Една година РИКО – Младите од септември ќе може да аплицираат со свои проекти“, објавена на Вашиот портал да биде целосно избришана.

Се надевам дека во иднина ќе имаме подобра соработка со Вашата редакција, се со цел да се избегнат евентуални недоразбирања од ваков или сличен карактер.
Доколу Ви се потребни дополнителни информации на оваа или било која друга тема, Ви стојам на располагање во секој момент.

Со почит
Бојана Наумоска
Младински преставник на Македонија во Управниот одбор на РИКО“