Блогер од Виетнам осуден на 7 години затвор поради известување за токсично излевање

22 годишен блогер е последната жртва на излевањето отровни хемикалии кои лани предизвикале еколошка катастрофа по средишниот брег на Виетнам, откако е осуден на седум години затвор поради објава на информации поврзани со случајот.

По кратко судење, затворено за јавноста, во провинцијата Ха Тин, блогерот Нгуен Ван Хоа бил прогласен за виновен за ширење анти-државна пропаганда и за продуцирање видеа и пишување текстови за протестите поради токсичното излевање, пренесува Њујорк Тајмс.

Излевањето, кое се случило кога нова фабрика за челик во сопственост на Тајван, испуштила цијанид и други токсични хемикалии низ одводот, го уништил морскиот свет и придонел за заболување на луѓе низ 200 километри долгиот брег. Тоа се смета за една од најголемите еколошки катастрофи во историјата на Виетнам.

„Пресудата за Нгуен Ван Хоа покажува колку параноичната желба на владата за зачувување на политичка контрола надвладува врз правото и човековите права“, изјавил заменик директорот на Хјуман рајтс воч – Азија, Фил Робертсон, отфрлајќи ја пресудата.

„Како поинаку да се објасни тоа што раководството на меѓународната компанија која го загади океанот и ја уништи крајбрежната економија во четири провинции продолжуваат со бизнисот, додека млад новинар идеалист оди во затвор поради откривање на нивните злосторства?“, додава Робертсон.

Во јуни, судот осудил уште еден блогер, Нгуен Нгок Нху Кин, попознат како „Mother Mushroom“ на 10 години затвор поради пишување блогови за поморот на риби.

Првично, властите обезбедувале многу малку информации за излевањето, криејќи ги видовите на токсичните материи дури и од оние кои се затруле и од лекарите кои ги лечеле.

Компанијата за челик „Формоса Ха Тин“, најпосле била прогласена за виновна за изливот. Наредено им било да платат 500 милиони долари за предизвикување на катастрофата, додека одговорните лица се извиниле. Критичарите ја обвинувале владата поради обид да се заштити компанијата, за која велат дека добила поволен договор од властите при купување имот за фабриката.

Токсичното излевање го уништил изворот на храна и заработка на рибарите од провинциите и предизвикало масовни протести во централниот дел од Виетнам, што е несекојдневна пракса во државата каде власта има цврста контрола.

Хоа, кој бил уапсен во Април, е само еден од растечкиот број на активисти во Виетнам кој користи Фејсбук и други онлајн платформи за објави на видеа, фотографии и коментари кои се во спротивност со владините позиции.