Битолчани утре дотерани ќе вртат педали на Критична маса

Иницијативата БитолаНаТочак утре (30 август) од 18 часот од плоштадот „Магнолија“ ја организира 51-вата Критична маса, овој пат под мотото „Дотерани #НаТочак“.

„Битолчани дали сте се спремни за нова вело дружба? Оваа Критична Маса е посветена против сите стереотипи кои се поврзани со возењето точак: Дека точак возат само луѓето од пониските социјални слоеви. Дека за на точак треба да си облечен по тренерки. Дека луѓето не ги личи да се дотераат и да си одат на работа на точак секојдневно. Дека не е кул да се оди на училиште на точак во најновите алишта. Дека не може да се вози со фустан, со штикла, итн“, соопштува иницијативата.

Од таму потсетуваат дека битолчани возат точак пред се бидејќи во ваков сообраќаен метеж тоа е најбрзото превозно средство за движење низ град, заради сопственото здравје и заради креирање заштеда со која можеш да си дозволиш дополнителни удобств. Исто така, велат тие, во Битола има и луѓе кои имаат повисока свест и мислат на јавното добро возејќи со цел намалување на загадувањето во градот, растеретување на метежот во сообраќајот, подобрување на безбедноста итн.

Критична маса во Битола; архивска фотографија

„Затоа драги точакољупци, овој четврток смело и гордо, светнете си ги точаците, дотерајте се во најубавите алишта и ајде сите заедно во заедничка вело дружба која ќе започне „Магнолија“ и ќе заврши во „Бар Чаршија“. Да возиме како прави дами и господа!“, велат вело-активистите.

Потенцираат дека секој може да биде дел од Критичната маса. Но, со оглед на тоа што самата Критична маса е флеш моб и анимирање на јавноста за велосипедската присутност на битолските улици и воедно е добра забава за самите учесници,  ги повикуваат сите да бидат креативни со стилот на облекување, со цел да придонесат за оваа вело-дружба да биде супер успешна и интересна за сите кои возат, но и за луѓето кои ќе имаат прилика да ја погледнат.

„На најтрудољубивите учесници ќе ви подариме БитолаНаТочак стикери, Најдотеран Господин, Најдотерана Дама, Нај ретро точак, Најукрасен точак… Ве очекуваме со вашите супер идеи! Слободата во движење е наше право. Да го направиме тоа супер прекрасно искуство! НаТочак е дефинитивно повторно во мода!“, соопштува велосипедската иницијатива.