Биљана Тануровска Ќулавковски освои престижна награда во Франција за истражување од областа на културата

Биљана Тануровска Ќулавковски неодамна ја прими престижната награда за истражување во полето на културна политика и културен менаџмент од водечката европска мрежа на универзитети во Дижон, Франција.

Таа ја доби наградата за нејзината докторска теза „Теорија на институции и културни политики за современи изведувачки практики“ при Универзитетот за уметности во Белград, Факултет за драмски уметности во Србија.

Нејзиното истражување е оценето како најиновативно, но и од огромно значење за едукацијата во полето на културна политика и културен менаџмент, а ќе може да се спроведува низ универзитетите ширум светот, но и во кураторските и управувачките практики во уметноста и културата.

Тануровска Ќулавковски се заблагодари за наградата, поддршката од менторката Милена Драгичевиќ и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Меѓународното жири на Наградата за истражување во 2019 година се состоеше од: Francesca Imperiale(Италија), Jaime Alberto Ruiz Gutiérrez (Колумбија), Elodie Bordat Chauvin (Франција), Anita Kangas(Финска), Jerry C Y Liu (Тајван), Richard Maloney (САД), Alan Salzenstein (САД).

Во изминатите години добитниците на наградите доаѓаа од Франција, Италија, Германија и Јапонија, кои денес се реномирани професори низ светот.

Основана во 2014 година, наградата ENCATC постои со цел стимулирање на академски истражувања од областа на културната политика и менаџментот, за да се истражуваат современите теми и евентуално да се предвидат нови ориентации за културни политики преку компаративно и меѓукултурно истражување. Покрај тоа, тој придонесува во процесот на создавање инфраструктура, мрежа на истражувачи кои прават компаративни истражувачки проекти во областа на културната политика и менаџментот. Наградата има и поддршка од програмата Креативна Европа на Европската унија.