„Библиотеката на тркала“ се придружува на патувачкото кино МакеДокс

„Библиотеката на тркала“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе се придружи на три локации на патувачкото кино на МакеДокс во областа Порече, кај Македонски Брод.

Библиотеката низ Порече на 20 јули ќе стигне во село Требино, на 23 јули во Брест и на 25 јули во Манастирец. На овие локации, активностите за најмладите со „Библиотеката на тркала“ почнуваат во 18 часот, додека проекциите на документарни филмови под отворено небо, во 21 часот. Активностите се отворени и бесплатни за сите жители од регионот на Порече, но и за сите посетители и авантуристи кои сакаат да уживаат во прекрасните предели на Порече со културни и едукативни активности.

Причината поради која Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ја создаде „Библиотеката на тркала“ е да донесе ресурси за читање и учење во оддалечените, рурални места и училишта каде нема јавни иблиотеки во близина. Таа претставува специјално пренаменето возило полно сликовници, детски енциклопедии и математички активности за најмладите ученици. Од 2014 година, „Библиотеката на тркала“ има посетено 200 различни локации во државата, а во активностите се вклучиле над 18 000 учесници.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ што го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија, има за цел да ја процени и подобри јазична и математичка писменост во почетните одделенија. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Република Македонија.