„Би се нурнале ли летово во Ковид-19?“ – Светскиот ден на океаните со маски и пластични ракавици на морското дно

Франција вчера соопшти дека планира да ги зголеми казните за фрлање ѓубре на улиците, откако сè повеќе почнаа да се шират фотографии на хирушки маски и ракавици на површината на океаните.

Брун Порсо, државната советничка во министерството за екологија, соопшти дека казните ќе се дуплираат, од сегашните 68 евра на 135 евра. Додека највисоката глоба може да достигне до 750 евра во зависност од сериозноста на прекршокот.

„Пластичниот отпад поврзан со кризата од Ковид-19 не потсетува дека доколку сакаме чисти океани, тоа започнува со чисти тротоари“, напиша таа на Твитер.

Ова соопштение на француската влада доаѓа ден пред 8-ми јуни. Светскиот ден на океаните, и една недела откако еколошка невладина организација алармираше на нов тип на пластичен отпад кој се таложи на врвот на досегашното ѓубре кое ги загадува светските мориња.

Невладината „Операција чисто море“ објави фотографии од еден од последните акции на чистење во Средоземното море, во кое се гледаат фрлени хирушки маски и пластични ракавици како се наоѓаат на морското дно заедно со друг пластичен отпад како празни чаши и лименки од пиво.

Основачот на организацијата, Лорен Ломбард, кој го објави видеото во описот напиша: „Дали би нурнале во Ковид-19 летово?“.

Тој дополнително предупреди дека наскоро во водите на Медитеранот може да има „повеќе маски од медузи“.

Доколку отпадот не се фрла во кантите за отпадоци и контејнерите, туку на патиштата и тротоарите, тој најчесто завршува во одводите и завршува во реките и морињата.

„Операција чисто море“ ги повикува луѓето да се однесуваат одговорно и да престанат со фрлање отпад на улиците. Тие истовремено бараат да се оттргнат луѓето од носење на маски за еднократна употреба и пластични ракавици за да се намали изворот на загадувањето.

„Секако дека треба да се заштитиме од Ковид-19, но не мислам дека пластиката е соодветно решение. Можеме да носиме маски за повеќенаменска употреба, и да ги чистиме рацете со сапун наместо со алкохолен гел, бидејќи ние сега исто така ги наоѓаме овие шишенца од гелови во морињата“, објаснува за Еуроњуз Џофри Пелтие, соосновачот на невладината.

Тој го поздрави планот за покачување на казните, но изразува сомнеж во имплементацијата.

„Можеби, за жал, треба да создадеме еколошка полиција“, вели Пелтие.