„Безусловната љубов и поддршка се лекот за успех“ – победничкиот говор на Нина Костовска на ораторските вечери на ФОН

Победник на овогодишните ораторски вечери во организација на ФОН Универзитет е Нина Костовска, која на јавноста ѝ е позната по социјалниот експеримент во аптека, кога таа како лице со Даунов синдром служеше муштерии. Таа воедно и заштитно лица на кампањата на УНИЦЕФ за поддршка на децата со пречки во развојот.

Нина со својот едноставен, но искрен говор ги освои гласовите на стручното жири и го освои првото место.

Второто место го освои Горјан Бошевски, магистрант на Правниот факултет, а третото место го освои Ема Анамијевска, студент на Музичка академија со целосно оштетен вид.

Тема на овогодинешните ораторски вечери на ФОН Универзитет беше „Успехот не е конечен, неуспехот е фатален, храброста да се продолжи е тоа што е важно!“. Учествуваа 12 говорници од 9 универзитети во Македонија.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува говорот на Нина, а во наредните денови ќе ги споделиме говорите и на Ема Ананиевска и Кристијан Пеев, заштитник на СОС детското село, кој во моментот студира на Макалестер колеџ, во сојузната американска држава Минесота.

 

„Везилке, кажи како да се роди

проста и строга македонска песна

од ова срце што со себе води

разговор ноќен во тревога бесна?

 

Два конца парај од срцето, драги,

едниот црн е, а другиот црвен,

едниот буди морничави таги,

другиот копнеж и светол и стрвен“

(„Везилка“, Блаже Конески)

 

„Јас сум Нина Костовска, студент во четврта година на Државниот универзитет во Тетово на катедрата за македонски јазик и литература. Инаку, сум лице со Даунов синдром.

Почитувани гости, драги пријатели, ви благодарам што дојдовте да го поддржите денешниот настан. Вашето присуство помага во нашата борба да покажеме дека сме тука, дека нè има многу, дека го сакаме тоа што го сакаат сите, а можеме многу повеќе од тоа што се мисли.

Татко ми работи во аптека, тој е фармацевт. Секој ден дели лекови на луѓе  и им помогнал. На многумина не им наплатил.

Кога јас сум се родила, му рекле дека за мене нема лек. За ниедни пари на светот и да ме отпишат. Тие не можеле да се помират, иако тоа им го рекле многу доктори, па и наставници.

Но, моите родители сакале да пробаат со еден стар лек. Наместо да ме отпишат, ме запишаа во редовно училиште и јас секој ден го добивав лекот, а тој делуваше.

Некои наставници, други родители, кои не веруваа, почнаа да веруваат. Но, лекот мора да се зема секој ден, и јас го добивав сите осум години во основно училиште, четири години во средно.

Мајка ми, татко ми и брат ми, ниеден ден не пропуштија да ми го дадат. Понекогаш на секој час, понекогаш во секоја минута. И еве ме, четврта година на факултет.

Без лекот навистина сè е изгубено. Без него сум изнемоштена. Лекот ги активира оние 90 отсто од мозокот што не се искористени, а ги пасивизира оние 10 отсто што ги користат луѓето. Тоа е истиот лек што претседателот Пепе во Уругвај го применувал на своето куче со три нозе. Тоа е истиот лек што го применувале родителите на Ник Вујичиќ, човекот без раце и без нозе и тоа е истиот лек што Мајка Тереза го применувала на лепрозните.

Татко ми е фармацевт, а мајка ми психолог и го создале лекот кој се состои од: безусловна љубов и безрезервна поддршка. Толку е едноставно, но не е и незамисливо, а е многу ефикасно.

Дури и целиот свет да ви каже дека вашето дете е отпишано – не е отпишувајте никогаш, тоа ќе надокнади сè“.