Oфицијално започна соработката помеѓу Шаховската академија „Данчевски“ и Општина Кисела Вода, со која на децата од општинските основни училишта им се овозможуваат бесплатни часови по шах. Активностите се реализираат во просториите на Домот на култура „Билјана Беличанец“, каде секоја недела ќе се одржува шаховска настава.
„Часовите ги води Орце Данчевски, интернационален мајстор, ФИДЕ тренер и првиот наставник по шах во Македонија, со повеќе од 25 години искуство и работа со над 5.000 деца“, информираат од Кисела Вода.
Оттаму посочуваат, соработката е дел од пошироката заложба на Општина Кисела Вода за унапредување на образовниот процес и воведување содржини кои го поттикнуваат логичкото размислување, и концентрацијата кај децата.
„Неодамна повеќе наставници од сите општински основни училишта поминаа специјализирана обука и добија сертификати за држење на часови по шах, бидејќи од први септември шахот веќе и официјално може да се избере како изборен предмет во наставата“, соопштуваат општинарите.
Во мај е планирано да се одржи општински шаховски натпревар, на кој ќе учествуваат деца од основните училишта од целата општина.
„Со оваа соработка на децата им овозможуваме нова образовна содржина која ги развива логиката, концентрацијата и дисциплината. Часовите се целосно бесплатни и достапни за сите ученици од општината. Благодарност до Шаховската академија ‘Данчевски’ за партнерството и посветеноста во развојот на младите“, изјави градоначалничка Бети Стаменкоска Трајкоска која денес присуствуваше на настанот.






