Бендот „Визија“ ќе настапи на црногорскиот „Lake Fest” во Никшиќ

Од 11 до 16 август во Никшиќ, Црна гора ќе се одржи јубилејниот петти „Lake Fest“, а алтернативниот рок бенд од Скопје, Визија, ќе биде една од групите кои ќе настапат на овој престижен фестивал, делејќи ја бината со Guano Apes, Elemental, Pankrti, Goblini, Mortal Kombat, Ortodox Celts, Ničim izazvan, Samostalni Referenti, DST, Riblja Corba, Babe, Zehad Sulta, Koza Mostra и многу други.

Првите три дена, фестивалот ќе се одржува во центарот на градот, на платото пред Домот на револуцијата, а потоа фестивалот се сели на сцената кај езерото Крупац. За сите посетители на фестивалот, обезбеден е бесплатен камп.

Бендот „Визија“ постои неполни четири години, а во него членуваат Марко Џамбазоски (соло гитара и придружен вокал), Марко Гапо (вокал и ритам-гитара), Лилјана Јанкова (бас-гитара и придружен вокал) и Синиша Ѓорѓевиќ (тапани).

Еден од најголемите успеси на бендот е настапот на 47. издание на Гитаријадата во Заечар, во 2013 година, а набрзо потоа и на „Јелен демофест“ во Бања Лука, каде што добија одлични критики.
Следуваат концерти во Скопје, Благоевград, Штип, Куманово и во Белград, а еден од последните настапи им е на јубилејниот 30. „Рок-фест“, каде што гитаристот Марко Џамбазоски беше прогласен за најдобар гитарист на фестивалот.

Значајни за „Визија“ се и позитивните критики од британската музичка интернет-страница: EmergingIndieBands, која на нивната листа од најдобри 90 нови бендови за 2014 година ја поставува „Визија“ на 7 место, како и американската радиостаница WMBR, која ја вбројува песната „Гласот на мојата душа“ меѓу најдобрите за 2013 од територијата на поранешна Југославија.