Белорусија распиша потерница за опозиционерката Светлана Тихановскаја

Белорусија издаде потерница за опозициската лидерка Светлана Тихановскаја поради тоа што наводно, во неколку наврати повикувала на рушење на уставниот поредок, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи во Минск, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Овој потег, распишувањето потерница, не изненадува никого. Јасно е дека режимот не располага со законски начин да остане на власт“, изјави портпаролката на Тихановскаја.

Тихановскаја пребегна во Литванија непосредно по спорните избори на 9 август и оттогаш ги посети европските лидери и го повика долгогодишниот белоруски претседател Александар Лукашенко да се повлече од функцијата.

Нејзиното име се најде и на рускиот списокот на лица кои се бараат. Руското Министерство за внатрешни работи објасни дека тоа се случило автоматски, поради заедничкиот механизам на регионалниот блок, чии земји членки, меѓу другите се Русија и Белорусија.

Доколку биде прогласена за виновна, белоруската политичарка во егзил, може да биде осудена на казна затвор до пет години.

Тихановскаја му даде краен рок на Лукашенко да се повлече од власта до 25 октомври, односно, во спротивно дека ќе се соочи со масовни штрајкови кои ќе ја парализираат земјата.

За време на протестите кои избија по претседателските избори, досега во Белорусија се уапсени 13.000 лица, од кои некои подоцна беа ослободени.